Вештината на промислените донации

Гледано релативно и споредбено со минатото, денес човештвото може да се пофали дека егзистира во можеби најмирниот период од неговото постоење. Причината за ова се лоцира во тековниот процес на глобализацијата, воспоставеното меѓународно воено право кое ги одредува условите според кои е возможно да настане војна и оправданоста на активностите на субјектите во истата и пред се, постоењето на концептот на суверенитет и територијалност на секоја земја.

За разлика од минатото, каде што постојано демнела можноста за воени конфликти поради интересот за превласт од страна на големите сили заедно со нивните деструктивни империјалистички тенденции, денес на војната се гледа како на табу кон кое се прибегнува само доколку сите алтернативи се потрошени.

Ваквиот тренд на долги периоди во кој нашиот свет се наоѓа во мирна состојба го потврдуваат анализите на Институтот за Економија и Мир чиишто резултати претставени преку Глобалниот индекс за мир ја зајакнуваат тезата дека моментално живееме во релативно најмирниот историски период. Но, живеењето во безбедност е само една од димензиите на современата генерална лежерност која ја ужива човечкиот вид.

Почнувајќи од првите технолошки револуции кои се одликуваа со откривање на нови пазари и пораст на материјалната продукција па се до информатичката револуција во поново време, денес како никогаш досега не сме биле поспособни да ги ублажиме економските проблеми и да го подигнеме животниот стандард на глобално ниво.

Неминовен резултат на овој историски прогрес е намалувањето на глобалната екстремна сиромаштија, зголемувањето на БДП по глава на жител, порастот на очекуваниот просечен животен век итн. Со други зборови, иако денес светот се соочува со повремени воени конфликти кои ни се пренесувани преку медиумите, сепак доколку имаме опција да избереме во кое време од човечката историја би живееле, сегашноста би била најрационалниот избор.

Меѓутоа, сето она што е наведено погоре служи во прилог на следната констатација:

Никогаш во историјата на човештвото сме немале поизгледна шанса да ги искористиме личните ресурси, добра и приходи за да го намалиме страдањето со кое се соочуваат многу луѓе и да спасиме животи. Се наоѓаме во една уникатна позиција без никакви задршки,  самите на себе да си го поставиме прашањето: Колку нашата грижа за оние што страдаат ни налага да ги инструментализираме ресурсите кои ни се достапни и без кои можеме да живееме нормално со цел да им помогнеме на истите, без притоа да се жртвуваме самите себеси?

Одговорот на ова прашање веќе долго време е заговарано и разгледувано во круговите на едно социјално движење во пораст кое постои и дејствува под името „Ефективен алтруизам“.  Од самиот термин веднаш можеме да приметиме дека истиот се состои од два посебни поими чиишто објаснувања се исклучително важни за разбирање на пораката која ова движење или идеја сака да ја долови. За таа цел ќе користиме повеќе примери и мисловни експерименти.

Скоро секој од нас би се согласил дека се смета себеси за опонент на непотребно страдање и дека доколку се најде во ситуација да помогне, би го сторил тоа безрезервно.  Во таа насока, каква би ни била иницијалната реакција доколку забележиме човек кој лежи неподвижно на улица, крварејќи од главата?

Веројатноста е дека 99% од случајните минувачи би застанале и би укажале помош, што е сосема разбирливо поради интуитивната потреба да бидеме емпатични,  која секој од нас би ја почувстувал во таков сличен момент.

Но, за разлика од сценарио во кое сме непосредно инволвирани,  каде што нашата помош е потребна , овој пат да замислиме сценарио каде што сме сведоци на луѓе кои ладнокрвно и незаинтересирано поминуваат покрај истата таа личност која лежи на патот.

Веројатно е дека овие луѓе би биле подложни на морален презир и осуда. Но, пред да извлечеме заклучоци и да извршиме морална поларизација потребно е да бидеме самокритични во однос на сите оние ситуации во кои самите ние се однесуваме ладнокрвно и незаинтересирано за многубројните видови на страдања кои се случуваат насекаде околу светот. На тој начин, би си помогнале на самите себеси преку  согледувањето на невалидноста во приоретизирањето на кого да му помогнеме, а на кого не.

Гледајќи ги вестите во кои се прикажани суровите околности во кои се зафатени одредени луѓе кои се наоѓаат далеку од нас, често пати чувствуваме дека физичката далечина не спречува да им помогнеме. И не само тоа, дури и сметаме дека самата физичка дистанца на некој начин ни ја оправдува нашата пасивност да превземеме било што и не лишува од морална одговорност.

Но дали тоа е навистина така?

Дали далечината може да се смета како морално релевантна разлика која би ни ја оправдала нашата индиферентност кон овие луѓе? Доколку ги имаме ресурсите со кои можеме да помогнеме, зарем навистина е важно колкав пат треба да изминат истите со цел да спасат нечиј живот?

Според основните начела на ефективниот алтруизам, постои директна поврзаност помеѓу ресурсите на располагање и нашата морална должност да ги ставиме во функција за доброто на оние на кои им е потребна помош. Колку повеќе ресурси имаме на располагање, дотолку повеќе ни се проширува хоризонтот на активностите кои можеме да ги превземеме.

Едноставен пример кој што ја прикажува ваквата поврзаност би била хипотетичка ситуација во која што  сме директни сведоци на човек кој што се дави во водите на замрзнато езеро. Во оваа ситуација, иако лимитирани во опциите кои можеме да ги избереме како помош, сепак би можеле да ја искористиме нашата облека како ресурс за да го извлечеме човекот од сигурна смрт. Доколку пак, се најдеме во истата ситуација, но овој пат незгодата се случува на нудистичка плажа, тогаш не би можеле да употребиме облека  како ресурс, бидејќи ја немаме.

Имено, освен материјалните нешта, во нашите лични ресурси може да се вбројат и вродени својства и научени вештини како што се: високата интелигенција, атлетска надареност, познавање на боречки вештини, експертиза во работата со човечки ресурси и многу други. Оттаму, доколку далечината не претставува морално релевантна разлика за да  не им помогнеме на оние луѓе кои се далеку од нас а се наоѓаат во идентична ситуација (боледуваат од иста болест, се наоѓаат во слична тешка финансиска состојба) со оние кои живеат наспроти нашата адреса, тогаш по силата на логиката ни преостанува да заклучиме дека сме морално обврзани да не ги игнорираме овие далечни случувања и да дејствуваме во рамките на нашата ресурсна моќ.

Типичен пример за живот живеен низ призмата на ефективен алтруизам претставува случајот со Тоби Орд. Студирајќи филозофија при Универзитетот во Оксфорд, Тоби пресметал колку пари би му биле потребни за да живее сосема комфорно, за потоа да ја одземе оваа бројка од пресметаната очекувана сума на пари која би требало да ја заработи во текот на целокупниот работен век.  Сумата која што ја добил како резултат се испоставила како доволна за трајно излекување на 80 000 луѓе од заразната болест под името Трахома, позната уште како грануларен конјуктивитис, причинител за  стврднување на внатрешната страна од очните капаци, која доколку не биде медицински третирана  можно е да доведе до слепило.  Слепило кое што може прилично лесно да се избегне со единечна уплата од само 40 долари, колку што е проценета терапијата. Актуелните пресметки укажуваат на фактот дека околу 6 милиони луѓе се слепи поради оваа бактериска инфекција.

Иако примерот на Тоби Орд можеби се одликува со фанатична посветеност кон идејата на ефективниот алтруизам, сепак успева да ни долови еден клучен елемент доколку сакаме да сме ефективни алтруисти, а тоа е користење на разумот за изведување на исцпрна истрага и анализа колку средства можеме да одвоиме од нашиот приход за хуманитарни цели, која кауза да ја одбереме, преку која организација да донираме и на каков начин да ги донираме средствата  се со цел да  го достигнеме најголемото добро за најголем број на луѓе.

Сета оваа рационалност во донирањето е клучна доколку сакаме нашите средства да го извлечат максимумот на позитивен ефект за целта која сме ја таргетирале. Токму во рационалноста лежи моментот на ефективност. Без неа, ни останува само емоционионално инфузирана емпатичност да дејствуваме по повод одредена кауза, но емпатичност која е без утврдена насока и метод на дејствување. Доколку посакуваме да сме ефективни алтруисти, не е доволно да сме емпатични и да поседуваме ресурси за помагање, туку на каков начин тие ресурси ќе ги усмериме успешно за да на крајот од денот, навистина ни ја оправдаат нашата емпатичност во успешните дела, а не само во добрите намери.

Впрочем, ако сме вистински емпатични и поседуваме искрена желба да спасиме нечиј живот, тогаш за очекување би било да сме заинтересирани дали нашата донација ќе заврши на местото каде што сме ја усмериле и дали ќе предизвика промена на подобро. Во спротивно, се што правиме е само донирање за лична гратификација и за да се чувствуваме подобро за самите себеси.

За разликите во однесувањето при донациите меѓу ефективните алтруисти и останатите донатори говорат многубројни психолошки истражувања кои тврдат дека постојат две групи на донатори. Првата се состои од луѓе кои донираат супстанцијална количина на средства на една или две донаторски организации, додека втората се состои од луѓе кои донираат на повеќе организации.

Оние луѓе кои припаѓаат на првата група трагале по докази за дејствувањето на организацијата во која донираат и дали навистина нивното дејствување вродува со позитивен импакт. Ако доказите го потврдуваат тоа, тогаш оваа група на луѓе е забележано дека донирала поголеми суми на пари. Во однос на втората група, било забележано дека овие луѓе воопшто не се интересирале каде завршуваат нивните пари и дали резултираат со позитивно дејство, туку било утврдено дека самиот акт на донирање им предизвикува позитивни чувства.

Во многу од случаевите донациите биле толку ниски (помалку од 10 долари) при што самиот трошок за процесирање на донацијата ги надминувале  бенефитите кои би ги овозможила за хуманитарната цел.

Сето ова засега звучи прилично убедувачки, но за некои луѓе целата идеја на ефективен алтруизам е премногу добра за да биде вистинита, па затоа ова социјално движење често пати се соочува со еден цел арсенал на контра прашања чијашто примарна цел не е конструирање на логичен и конзистентен контра аргумент, туку обезбедување на алиби за непреземањето на она на кое што сме морално обврзани и за оправдување на досегашната индиферентност кон оваа проблематика.

Првото прашање кое што воедно најчесто проникнува како контра теза е:

Ако ефективните алтруисти навистина се грижат за страдањата на луѓето, зошто не би се откажале од својата кариера за да бидат директно инволвирани во помагањето на луѓето на кои им е потребна помош?

Фаталната грешка која е содржана во овој аргумент е претпоставката дека најголемо добро за најголем број луѓе се постигнува со живеење на живот сличен како на оној на Мајка Тереза, користејќи ја секоја секунда од нашиот живот за одредена кауза.

Но, интелигентниот одговор на ова прашање почива во високо продуктивниот систем во кој што постојано ја развиваме нашата кариера со цел постојано генерирање  приходи. Тие приходи потоа ни овозможуваат да реализраме повеќе донации кои со тек на времето би можеле да бидат одговорни за вработување на неколку хуманитарни работници. Со тоа, нашиот алтруизам би довел до многу поефикасен ефект, наместо алтернативата во која би се откажале од нашиот извор на приходи и се преселиме во најсиромашните предели од Африка.

Второто прашање ја преиспитува комфорноста која ефективните алтруисти тврдат дека ја зачувале додека донираат и гласи:

Што би не навело да заклучиме дека можеме да живееме конфорно додека други умираат од глад и болести? Зошто едноставно не се ставиме во кожата на тие луѓе  и да го донираме целиот приход?

Ова прашање можеби пати од подрастична проблематичност за разлика од првото, од причина што доколку се лишиме од целокупниот приход кој го поседуваме истовремено се лишуваме и од можноста да остваруваме приход. А остварувањето на приход е предуслов за донирање. Оттаму, можеме да заклучиме дека живеењето без покрив над главата и во мизерни услови е контрапродуктивно доколку сакаме да ги елиминираме истите мизерни услови во кои се наоѓаат луѓето на кои им е потребна нашата помош.  

Последното прашање кое ќе го издвоиме важи за најразумното формулирано прашање кое навистина треба да се земе предвид при промисленото дарување, а тоа е:

Како можеме со сигурност да знаеме која од хуманитарните организации е поефективна од останатите и дали можеме да бидеме сигурни дека нашата донација нема да заврши во џебот на корумпираната бирократија што преовладува во хуманитарните организации?

Тука повторно би ја искористиле шансата да се потсетиме на информациското општество во кое што живееме и  во кое што  сме слободни да се информираме и независно да истражуваме која од хуманитарните организации е подобра опција за нашето донирање.

Постојат повеќе независни групации со веб сајтови на кои се извршени рангирања на хуманитарните организации во однос на повеќе критериуми како што е примерот со веб страната givewell.org. Исто така, при одбирањето на ефективна хуманитарна организација мораме да ја земеме предвид и конверзијата на трошоците потребни за извршување на услугата во позитивна промена на подобро за што е можно поголем број на луѓе.

Ако вложените 200  долари во една хуманитарна организација би помогнале на еден човек а истите 200 долари вложени во друга хуманитарна организација е пресметано дека би спасиле живот на 30 луѓе, тогаш втората организација е очигледниот избор.

За крај, можеби сето ова звучи премногу оптимистично од причина што како индивидуи можеби не сме доволно способни да го промениме светот, но токму оваа помисла колку што може да ни е пречка, толку може да ни претставува и катализатор кон намалување на светските проблеми.

Што би се случило доколку милиони луѓе се сметаат за способни да станат ефективни алтруисти и да работат на полето на елиминирање на страдањата во светот?

Свет во кој освен страдање, постои и реална можност за конечно да почнеме да градиме и култивираме пресврт во начинот на кој што деривираме сатисфакција од нашите приходи. Можеби древните мислители навистина имале право кога посочувале дека вистинската сатисфакција и исполнетост е онаа интерната, а не онаа која се состои од екстерни материјални добра за кои што желбата никогаш не згаснува доколку само нив ги вреднуваме и сме алчни за повеќе.

И тука би завршиле со една од мислите искажани од страна на теоретскиот основоположник на идејата за ефективниот алтруизам Питер Сингер според кого „ако досега бевме учени да заработуваме повеќе за да трошиме повеќе, денес од интерес за сите е да започнеме да заработуваме повеќе за да можеме да дадеме повеќе.“

Мартин Тошевски