Студентите во „Кузман“ без парно греење и топла вода

Станарите во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ веќе неколку денови се оставени без парно греење и топла вода низ целиот комплекс. До редакцијата на „Авангарда“ стигнаа пораки од студентите во домот преку кои е опишана бизарната ситуација во која тие се наоѓаат во пресрет на јануарската испитна сесија. 

„Температурите надвор секој ден се сè пониски, а ние остануваме без основните услови за живот“, стои во пораката на студентката С.Н., која во моментов престојува во домот во Скопје. 

Иако ситуацијата која настанала во првите денови од месецот е веќе одамна пријавена кај управата, решение на истата сè уште нема. На големиот број на жалби, студентите добиле различни одговори и оправдувања. Сепак, ниту парното греење, ниту пак топлата вода во собите на домот сè уште не се вратени. 

„Откако се пожаливме кај управничката добивме два различни одговори: прво дека имало некаков дефект, а откако продолживме да инсистираме дека ситуацијата не е во ред, добивме одговор дека проблемот бил во тоа што се менувал директорот“, објаснуваат студентите кои пристапија до нас.

Заклучокот на управата бил дека деновиве ќе има и парно и топла вода, но не се знае точно кога. Во меѓувреме, станарите во „Кузман“ го преживуваат студот со сопствени греалки и алтернативни средства за затоплување. За личната хигиена, велат тие, се грижат со топлење вода во тенџериња или пак одејќи кај своите пријатели кои престојуваат на други места. 

„Додека ние седиме во ладни соби и не можеме да си обавиме хигиена на овие температури, тие од управата си одат дома на топло“, револтирано стои во изјавата на студентите чии жалби и проблеми упорно остануваат игнорирани.

Стапивме во контакт со директорот на студентскиот дом, г-динот Виктор Велевски, кој пак ни објасни дека проблемот е кај Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати која е одговорна за снабдување на самите домови со нафтените ресурси.

„Целиот систем на греење е поврзан и зависен од екстра лесното гориво на кое функционира и парното греење и топлата вода во домот. Јас правам се што е во мој напор за тоа што побрзо да биде доставено до домовите, меѓутоа застојот е кај самата Дирекција“, објаснува директорот Велевски.

Тој исто така додаде дека сè уште не би можел да даде прецизен датум кога проблемот би бил решен. Како што самиот вели, постојано притискаат од сите страни и се обидуваат да најдат решение во најскор можен период.