Презентирани финалните проекти од овогодинешната INNO-SAE програма

INNO-SAE (Innovations in Smart Anything Everywhere) е студентска програма организирана од Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ која има за цел да стимулира соработка и интердисциплинарни проекти помеѓу студенти од различни единки на УКИМ. На студентите им нуди поддршка за формирање тимови, добивање ментори и обезбедување скромна финансиска помош за набавка на опрема и потрошен материјал за реализација на прототип решенија. Покрај тоа, ИНОФЕИТ нуди и простор за работа, советодавна улога и активно ја промовира програмата во академски кругови и пошироко. INNO-SAE започна во 2019 година, а во 2020 како ко-организатор се јави и Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ. Со партнер како УСС се зголемија можностите за промоција на програмата, но и се олесни контактот меѓу студентите и формирањето на интердисциплинарните тимови и дефинирањето на проблеми.

Иако едицијата од 2020 година поради околностите мораше да се одржи главно во онлајн услови и на далечина, сепак INNO-SAE 2020 успеа да поддржи 6 интердисциплинарни проекти од 9 различни единки на УКИМ. Јавната виртуелна презентација се одржа на 15.12.2020 во присуство на повеќе од 60 слушатели. INNO-SAE 2020 уште еднаш покажа дека студентите на УКИМ имаат извонреден иновативен капацитет со кој сите можеме да се гордееме и постави високо ниво за наредните години.

Во продолжение, погледнете ги иновациите на шесте тима кои беа дел од финалната конференција на овогодинешната програма:


1. Скарлет

Скарлет е името на тимот кој го сочинуваат студентите Јаков Митровски (ФИНКИ), Марко Зајков (ФЕИТ) и Огнен Кондратенко (МФС), кои со заеднички труд и синтеза на посебните сознанија добиени од засебните стручни насоки на овогодинешната едиција на INNO – SAE го презентираа проектот чијшто резултат претставува систем за контрола на аерозагадувачи во реално време со летало. Идејно поттикнат од повторливиот проблем со аерозагадувањето, со чии штетни последици нашата држава се соочува секоја зима, овој систем е замислен како решение за наведениот проблем преку точно лоцирање на загадувачите на воздухот.

Системот е претставен преку мерни уреди кои се прикачени на брзо и подвижно летало, додека пак добиените мерни вредности се процесирани и анализирани без потреба од внесување на човечки фактор.

„Уште една карактеристика која што го прави овој систем подобар од останатите е тоа што не се прави мерењето врз основа на потенцијален загадувач, напротив се прават мерења на повеќе локации во одредена област. Дополнително нуди опција на испитување локации во формат прашање-одговор каде што прашањето е локација, а одговорот е трендот на загаденост во одреден период“, истакнаа членовите на тимот.

Сето ова придодава и еколошка компонента при имплементацијата на проектот.

Поаѓајќи од фактот дека изработката на системот нужно подразбира спојување на различни области на знаење, студентите преку меѓусебна соработка и координација успешно ги усогласија сознанијата од аеродинамиката, електрониката и компјутерската наука при реализацијата на проектот.

„Нашите планови за блиската и далечната иднина се исти, а тоа е зголемување на прецизноста на мерењата, да се зголеми бројот на области над кои ќе има летачка мерна станица и подобрување на можностите на самиот уред “, одговорија студентите запрашани за тоа каде го гледаат нивниот систем во иднината.

 

2. НуТо

НуТо е името на вториот тим кој оваа година се претстави со иновацијата составена од автоматизиран систем за одгледување на домати во вода со помош на вградлив микросистем базиран на Ардуино. Тимот го сочинуваат студентите Ангела Карчева (ФЗНХ), Теа Вељковиќ (ФЕИТ), Бојан Софрониевски (ФЕИТ) и Мартин Пејчиновски (ФЕИТ).

Како што објаснија студентите, идејата за ваквиот иновативен подвиг се должи на увид во состојбата на пазарот во кој доматот претставува култура што е нежна за одгледување и вклучува употреба на пестициди. Токму затоа, според студентите, преку користењето на ваквиот систем ќе се стандардизира процесот на нивното одгледување и ќе се произведуват органски домати кои што како добиени производи со иста форма и големина ќе ги исполнуваат европските стандарди и би се извозувале на европските пазари.

Станува збор за хибриден автоматизиран систем за хидропонично одгледување на домати кој ќе ги користи и природните услови на нашата земја, додека пак областите од кои што потекнува се земјоделството и системите за автоматско управување.

„Целта на иновацијата беше да се креира систем кој пооптимално ќе ги искористува ресурсите кои се потребни за одгледување на доматите, како што се ѓубриво, вода и избегнување на користење на пестициди и слични средства за заштита на доматите од паразити кои се користат во класичното одгледување домати во земја, а со тоа и производство на органски домати“, потенцираа студентите.

Бидејќи се работи  за интердисплинарен тим, финалниот производ на НуТо е последица на меѓусебна консултација и комуникација помеѓу членовите на тимот со тоа што секој член  од тимот бил задолжен за истражување на својата област и консултирање по повод истата со колегите,  за да на крај,  имплементацијата на идејата да биде извршена преку заеднички консензус.

Тимот на НуТо, гледајќи на иднината на нивниот проект, ги истакна своите желби за усовршување на системот и изнаоѓање на нови и поефикасни методи како за автоматизација, така и за можноста системот да се користи и при одгледувањето на други земјоделски  култури.

 

3. ArchApp

Студентската програма INNO – SAE беше збогатена и со учеството на тимот AAP, составен од студентите на Архитектонскиот факултет Анастазија Пешевска и Катерина Србиноска, заедно со Михаела Блажевска, Мартин Јовевски и Христијан Петрески од ФЕИТ. На онлајн изложбата тие ја претставија иновативната апликација ArchApp, преку која корисникот во секоe време ќе може да добие бесплатно и ефикасно предлог-решение за пренамена на просторот. За студентите мотивот за креирање на овој проект лежи во желбата за изработка на едно бесплатно и едноставно софтверско решение.

Ова софтверско решение во форма на веб-апликација  на корисникот му овозможува брз и едноставен пристап до оптималното решение за планот на разгледуваниот објект преку согледување на архитектонските аспекти и помошта на алгоритамот за оптимизација.

„ArchApp истовремено нуди значителна заштеда на временски и финансиски ресурси, кои би можеле да се пренаменат во некој друг сегмент од уредувањето“, додаваат студентите.

Со оглед на тоа што апликацијата вклучува употреба на знаењата што се изучувани во две сосема различни области, самиот проект е спроведен во три фази, при што секоја од нив ги вклучува посебностите што се својствени за областите на истражувања спроведени од студентите на засебните факултети. Првата се состои од дефиниција на проблемот, втората се одликува со истражување и систематизација на архитетконските аспекти на проблемот, а пак третата фаза ја вклучува работата на студентите од ФЕИТ за конечна реализација на идејата.

Во поглед на нивните планови за иднината со оваа иновација, студентите се надеваат на проширување на апликација на глобално ниво обезбедувајќи бесплатен, брз и оптимален план за распоред на соби во просторија.

„Исто така покрај ВЕБ-апликацијата, во план е изработка на мобилна апликација за Android и Apple телефони која би се симнувала од нивните маркети и со тоа би била уште поблиска и побрза за корисниците. Промените кои ќе ги воведеме во алгоритмот за оптимизација зависат исклучиво од фидбекот на нашите корисници и тековните верзии на кои ќе оперира самата апликација“, дополнија членовите на ААP.

 

4. СИМ

Свесни за проблемите со кои се соочува медицинскиот персонал при извршување инфузија врз пациентите, тимот на СИМ составен од Јасмина Јовчевска (Медицински Факултет) и Дамјан Цветковски (Машински Факултет) изготвија решение со што би се надминал проблемот со воздухот кој се спушта по завршување на инфузијата.

„Се работи за систем со вградена мембрана чија основна цел е да го задржува воздухот и по завршување на инфузиониот раствор. Со тоа се скратува времето кое медицинската сестра го губи кај еден пациент и воедно се олеснува работата“, објаснуваат студентите.

Како тим кој има одлична соработка и отвореност за нови идеи одлучија да продолжат со промовирање и изработка на финален производ. Главната цел е производот да најде свое место на пазарот во нашата држава како и надвор од границите од неа, бидејќи иновацијата е нешто ново и неопходно во секој современ здравствен систем.

 

5. SalivaDiag

SalivaDiag е проект предводен од студентите Мартина Анастасовска (Стоматолошки факултет), Кристијан Алексоски и Стефан Стојановиќ (Медицински факултет) и Јована Димишковска (Фармацевтски факултет). Главната цел на проектот е воведување на нова дијагностичка метода во медицината. Мотивирани од зголемување на бројот на индивидуи со прекумерна телесна тежина и од можноста за користење на плунката како дијагностичка алатка, нивниот тим цели кон утврдување на корелацијата помеѓу различни ризик фактори кои се поврзуваат со метаболичкиот синдром и концентрацијата на саливарните вредност на уричната киселина.

Иновацијата опфаќа повеќе области како медицина, стоматологија и фармација.

„Со воведување на оваа дијагностичка метода во рана фаза, имаме можност да ги превенираме ризиците кои ги носи метаболичкиот синдром и кардиоваскуларните заболувања преку докажување на зголемена саливарна концентрација на уричната киселина како маркер за истиот каj индивидуи со зголемена телесна тежина“, дополнуваат од SalivaDiag.

Нивни амбиции за во иднина се насочени кон тоа оваа дијагностичка метода да стане практика во лабораториите во рамките на нашата држава и додаваат дека би се бореле се до воведување на истата.

 

6. Зелен Клуч

Тимот на Зелен Клуч, составен од Александра Бојкова (Медицински факултет), Мартина Бојкова (Технолошки факултет) и Кристина Тодорова (Земјоделски факултет) работи на проект кој е фокусиран кон наоѓање на решение за штетниците од фармите. Поради неадекватното управување со оптадот на фармите и генералната негрижа на нивните сопственици, најголемиот проблем со кој тие се соочуваат е појавата на штетни инсекти-муви.

„Масовната појава на муви во фармите претставува потенцијална опасност од појава и пренесување на заразни болести кај животните и луѓето кои живеат околу фармите и населените места.“, објаснуваат студентките.

Со нивниот проект тие го зголемуваат бројот на паразитоидната оса Насониа, уништувач на штетните муви, а со тоа и помагаат на природата да дојде до нормалната размнотежа на популациите на мувите, без употреба на инсектициди. Одгледувањето на паразитоидната оса е нова, зелена технологија која има огромен потенцијал и перспектива во земјоделството.

Во моментов нивните испитувања се вршени во ин-витро услови, каде добиле резултат од 100% уништени муви во пробата.  Практична, ин-виво проба ќе применат во наредната година, на фарма во Неготино, каде ќе добијат резултати од влијанието на паразитоидните оси Насониа на терен.

„Плановите ни се да се отвори првата фарма на паразитоидни оси на балканот и примена на нашите производи во контрола на штеточините во органското производство. Во иднина можеме да ја зголемиме нашата палета на производство на корисни инсекти и би биле лидери во оваа област“, изјавуваат од Зелен Клуч.

 

 

Мартин Тошевски

Дарко Милошевски