Полициската бруталност и систематскиот расизам во нашата земја

На 20 октомври во Битола беше извршена полициска бруталност врз мајка и син, припадници на Ромската заедница. Ова беше втор ваков случај во Македонија во краток временски период, каде притоа не е поднесена никаква одговорност за лицата кои го извршиле актот.
Имено, синот на жената бил излезен на пауза за ручек каде бил пресретнат од полициски службеник без заштитна маска. Бидејќи работникот не носел документ за лична идентификација, неговата мајка се понудила да ја земат нејзината. На тоа полицаецот викнал засилување при што синот е одведен во полициско комбе во кое се качува и мајка му зашто не сакала да го остави сам. Откако се качиле во полициското комбе, синот и жената биле крвнички тепани!

Додека биле тепани, полицаецот им се обраќал со погрдни зборови како „ѓуптини, ајде сега снимајте, не ми можете ништо”. Повозрасната жена се наоѓала во загрижувачка животна состојба и откако била претепана морала да интервенира и брзата помош. Нејзиниот сопруг во текот на денот 3 пати се обидел да го пријави случајот во полициската станица, но немало кој да го прими, пренесе АВАЈА.
Ова дејствие се случи на само три недели од објавенето видео како полицаец врши насилство врз припадник на ромската зедница.
Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, преку заедничка иницјатива ангажираа адвокат за овој случај откако жената и нејзиниот син беа задржани во притвор.

 

Бруталноста во бројки

Полициската бруталност е употреба на прекумерна или непотребна сила од страна на персоналот поврзан со службите за спроведување на законот. Терминот се применува и на злоупотреби од страна на персоналот за корекции во казнените установи, вклучително и воените затвори.

Според податоците на Народниот правобранител, лани имале три отворени предмети за полициска бруталност, а годинава досега 15.
Најпознатиот сучај на полициска бруталност во нашата земја е убиството на Мартин Нешковски, каде на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година беше брутално претепан од припадник на специјална полициска едница „Тигри“. Поради неговата смрт тогаш почнаа и низа протести со барање да престане полициската бруталност.

 

Систематски расизам

Имањето на предрасуди кон Ромите не постои само на индивидуално, туку и на системско ниво. Институционалниот расизам, познат како систематски расизам, е форма на расизам што е вметната во рамките на државната апаратура. Тоа може да доведе до проблеми како што се дискриминација во правниот систем, вработување, вдомување, здравствена заштита, политичка моќ, образование итн.

Лесно е да се каже дека условите во кои живеат одреден број на ромско население се резултат на нивна лична желба или резултат на нивниот труд. Но, воопшто не се спомнува систематскиот расизам во нашата земја: роми се одбиваат за премин на граница, само 4% од социјалните станови се доделени на роми, доктори одбиваат пациенти роми, сегрегација на роми ученици… Лудилото дојде до таму кога на општина Шуто Оризари и беше ветено базен за жителите од тој крај да не одат во другите базени. Иако под законот за дискримнација секој е заштитен, институционалната дискриминација е секојдневието на припадниците од ромската зедница.

„Оти сме сиромаси затоа тие не тепаа, од што не можеме ние да се жалиме“, вели еден од жртвите во интервјуто со АВАЈА. Кога веќе Ромите се третирани како второкласни граѓани, тогаш какви се шансите за институциите да донесат правда во случајот со мајката и синот кога ретко ги штитат Ромите во нивните секојдневни животи?

 

 

Вината е во системот

Проф. Звонимир Јанкулоски за Нова Македонија вели:

„Полициската бруталност станува рутинска, банална одлика на секојдневното полициско постапување во Македонија. Повторно униформата и законската присила стануваат симболи и експоненти на моќта во општеството. Новите „разгаштени модерни „шерифи“ во униформа од „чувари на портата“ на системот на кривична правда политиката ги претвори во егзекутори на правда, замислена по теркот на власта.“

Притоа додава и дека „Во полициското работење, луѓето секогаш зборуваат за „гнили јаболка“. Но, да не се лажеме: лошите јаболка доаѓаат од расипани дрвја.“

Во последниов период повторно на виделина излезе бруталноста и омразата спроведена од необразованата и неадекватна полиција која Македонија ја поседува. Наместо да служат на граѓаните, ние сме обколени со политички полтрони со стекнатно работно место по само едногодишна обука. Послушноста кон партијата им е главна одлика, па не напразно Македонија има два синдикати за полицијата, Македонски Полициски Синдикат и Независен Синдикат на Полицијата.

За Радио слободна европа, Народниот правобранител Изет Меџети вели:

„Отсекогаш сме барале да има перманентна обука на полицајците за начинот како да се постапува со граѓаните. Има периоди во нашето општество кога полицајците групно се примаа на работа само со обука, а не и со редовно образование и бараме да се врати редовното образование.“

Реалноста е сепак таа. Без промени од корен, ќе читаме уште многу за полициската бруталност и систематски расизам.

 

 

Дарко Милошевски