Петар Тргачевски: Подкастот значи потреба за подобрување, учење и интелектуална стимулација

Ако можеме да издвоиме топ листа од новини во рамките на дигиталната ера во оваа деценија, подкастот како модерен феномен несомнено ќе се појави како конкурент за завземање на едно од местата. Иако своите зачетоци ги имаат уште од почетокот на деценијата, сепак процутот на популарноста на подкастите започнува од 2014-та година, благодарение на публикацијата на познатата серија наречена „Сериал“. Достапноста преку мобилните апликациите, можноста за нивно слушање во кое било време и разните содржини кои ги нудат се само дел од бенефитите кои ги поседуваат овие онлајн и аудио платформи.

Денес, на глобално ниво, постојат повеќе 700 000 подкасти со околу 18.5 милиони епизоди и 100 милиони слушатели. Вртоглави бројки кои се чини дека на домашната сцена мошне слабо го рефлектираат интересот за слушање и креирање на вакви виртуелни и аудио содржини.  За да се обидеме да изнајдеме одговор на прашањата околу недостатокот на онлајн простори во кои младите ќе можат активно да учествуваат преку ангажирање на нивната креативност и иновативност, во ова интервју разговараме со Петар Тргачевски, филмски ентузијаст и водител на новокреираниот подкаст под името „Е – Ликејон“, чија што приказна ќе ни помогне да навлеземе подлабоко во значењето на импактот кој подкастите можат да го имаат врз младината и пошироко.

 

 

Кои се мотивот и целта за започнување на подкаст од ваков вид?

При секоја работа и одлука која што ја започнуваш и донесуваш, обично има повеќе причини зошто пристапуваш кон тоа, но една поважна причина која би ја издвоил и која што впрочем ја имам кажано на првите две епизоди од подкастот е важноста на тоа што конзумираме на дневна база. Многу е важна храната што ја примаме. Не само онаа физичката храна туку и онаа храна што не ја гледаме, онаа во форма на информации. Ако направиме статистика какви информации ни се достапни во поглед на квалитетот, ќе видиме дека поголем акцент се става на квантитетот на информациите отколку на квалитетот и сето тоа доведува до една духовна состојба која не отсликува квалитет. Под квалитет мислам дали тоа што го примаш како информација те поттикнува да станеш подобра верзија од себеси и од онаа што си бил денот пред тоа, или само те наведува на истите лоши навики што веќе сите ги имаме стекнато и ги правиме.  Информациите што ни се најзастапени и најдостапни во етерот се многу деградирачки и дегенерирачки. Не алудираат на нешто што е повисоко, на нешто што е подобро, туку алудираат на она што ние веќе го знаеме и го правиме секојдневно. Заради тоа одлучив да направам ваков подкаст, за да си создадам еден ваков свој виртуелен простор каде што ќе можам да поканувам луѓе, отварам теми кои што мислам дека не се доволно отворени во етерот или пак со цел ширење на идеи за кои луѓето воопшто не се запознаени.

 

Која е приказната позади името Е-Ликејон?

Филозофијата како дисциплина ми претставуваше едно огромно откритие  во животот, посебно додека учев во четвртата година од средното училиште. Во класот во кој што учев мислам дека само на мене филозофијата ми изврши таков ефект заедно со сето она што се предаваше на часот и сериозно  ми остави многу голем впечаток. Конкретно сметам дека античката филозофија претставува еден од најсовршените филозофски системи до кои е дојден човекот до ден денес и како призив на едно такво време во кое дискусијата и размената на филозофски идеи е на доста високо ниво. Оттаму доаѓа и името „Ликејон“. Ликејон е просторот, нешто што ние денес би го нарекле фоаје или некоја предпросторија на храмот на Аполон во Атина каде што јавно се одвивале многу филозофски дискусии. Сите три поважни  филозофи од тоа време ( Сократ, Платон и Аристотел), имаат водено дискусии таму, а подоцна на тој простор Аристотел ќе ја создаде и неговата академија која што ќе го носи името на самиот простор. Покрај тоа, оваа академија е и првата европска библиотека, ботаничка градина и првата зоолошка градина. Кога станува збор за наставката „Е“, таа го означува виртуелното одвивање на дискусиите на подкастот.

 

Се чини дека младите во нашата држава  се мошне добро запознаени со идејата за подкасти. Многу од нив и активно следат еден или повеќе светски познати подкасти, но истовремено на домашна сцена, со одредени исклучоци, забележуваме релативна незаинтересираност за креирање на вакви онлајн интерактивни содржини. Колку македонскиот етер има потреба од подкасти и на што се должи нивното отсуство на нашата сцена?

Јас мислам дека има доста луѓе што сакаат да чујат ама некако немало квалитет што ќе им го заддржи вниманието на луѓето. Постојат одредени подкасти како што е  тимот на „Јустинијан Збори“, за кој би кажал дека е доста блиску до она што би го нарекол квалитетен подкаст, додека другите подкасти се на доста ниско ниво, нема некоја контроверзна мисла во нив и нема содржина која ќе ги задржи луѓето затоа што слушањето на подкаст пред се, претставува сериозен напор. Луѓето не седнуваат да слушаат подкаст од забава, никој не го прави тоа, освен ако имаш забавен лик како гостин, но сепак тоа се изолирани случаи. Подкастот значи  потреба од подобрување, учење, интелектуална стимулација. Мисловна храна за мозокот. Покрај тоа, подкастот претставува многу долг формат и не секој би одлучил да одвои толку време за да слуша толку сериозни теми. Мислам дека со текот на времето, колку и да некои луѓе успеаа во обидот да го затупат тоа чуло кај младиот човек  за љубопитност и подобрување, за призив за нешто што е поголемо од нив, сепак мислам дека јас и мојот подкаст би можеле да го подобриме тоа. Тешка задача, но не и невозможна.

 

Спомна дека се занимаваш со филм и филмска продукција. Дали и колку твојата запознаеност и инволвираност во филмската продукција ти помогна при превземањето на еден ваков проект?

Имав доста ментори од „Македокс“ каде што за прв пат почнав да се занимавам со посериозна техника за снимање и монтирање и на тој начин го научив поголемиот дел од работите што влегуваат во техничката егзекуција на подкастот. Настрана идеите што ги имам добиено од секој посебен човек од таа бранша, генерална точка во која се спојува светот на подкастите со светот на филмот е техничкото знаење.

 

 

Статистиките велат дека од отпочнувањето на пандемијата значително пораснала слушаноста на подкастите ширум светот. Што според тебе претставува посебно обележје на подкастите што ги издвојува од останатите онлајн содржини и како можеме да бенефитираме од нив во рамките на новонастаниот начин на живот?

Во зборовите на прекрасниот Џордан Питерсон, мислам дека после долго време конечно кажаниот збор има скоро иста вредност колку и пишаниот. Можеби ова е и вториот просветителски период.  Живееме во едно брзо време кое што повеќе не знаеме како да го организираме. Во таа насока, многу е важна позицијата на подкастот бидејќи таква квалитетна содржина може да се слуша при извршување на други физички активности, додека миеме садови, возиме велосипед итн. На тој начин подкастот е мошне важна прилика за сите што можеби имаат проблем со читање или што имаат фактички или илузорен проблем со неорганизираност на своето лично време. Освен тоа, подкастите кои што се емитираат на англиски јазик можат да стигнат до скоро цел свет. Тоа се сериозни размери до кои информацијата може да патува. Тоа не е ништо ново ама многу е важно како ќе се употреби таа способност.

 

Кои се твоите долгорочни аспирации во однос на понатамошното течение на Е-Ликејон? Каква симболика би сакал да остави во умовите на луѓето кои би го слушале?

Не можам да кажам дека немам никакви очекувања, но моите конкретни аспирации не соддржат создавање на некоја огромна квантитетна база на следбеници и луѓе кои би уживале во подкастот. Не мора да биде огромна, но барем да биде квалитетна. Мене секако ми се исплати да го правам подкастот бидејќи уживам да влегувам во дискурси со луѓе што се многу поспособни од мене на одредени теми, особено со луѓе што се многу поспособни од мене. Во однос на симболиката, не би сакал да им кажувам на слушателите што да мислат па затоа оставам секој од слушателите да си создаде своја слика за подкастот.

 

YouTube video

 

За крај, што според тебе е најважната мудрост која секоја млада личност треба да ја поседува и живее?

Не можам да давам насоки на никого, затоа што и јас одам по оној пат кон усовршување по кој што се надевам дека одат и сите останати, но мислам дека многу е важен оној момент кога ќе се разбудиш и кога ќе го видиш првиот сончев зрак и тогаш првото прашање секогаш да ти биде: Како можам да направам да биде се околу мене подобро од вчера?

Тоа претставува некоја кауза по која јас лично се обидувам да се водам.

 

 

Мартин Тошевски