Молдавија, Балканот во мало

На 15 ноември 2020 година во Молдавија се одржаа претседателски избори каде проевропски настроената Маја Санду издвои значително поголема подршка од про-рускиот кандидат, Игор Додон, досегашниот претседател. Во нејзиниот прв официjален новинарски настап Санду излезе со барање за отргнување на руската војска поставена на територијата на само прогласената Република Транснистрија.

Земја во транзит, огромна сива економија, нерешени етнички прашања со братскиот сосед и територијални проблеми. Молдавија е одлик на класична балканска земја само без историја на истата.

 

 

Каде е Молдавија?

Стисната помеѓу Украина и Романија, Молдавија е една од најмалите и најсиромашни земји во Европа. Со население од речиси 4 милиони жители поделено помеѓу мнозинство кои говорат романски јазик и малцинство кое говори руски јазик, молдавската политика е традиционално поделена меѓу поддржувачите на ЕУ и оние кои охрабруваат поблиски врски со Русија.

 

Од историски аспект Молдавија е регион на голема Романија, која од средновековието поседува делумна автономност. Како вазал на османлиите, а воедно и „бафер“ зона со Руската Империја, регионот се соочува со константни војни и конфликти. Во средината на 19 век, па се до првата светска војна, Молдавија е под опсада од Русија, позната под името Бесарабија. Во меѓувоениот период територијата се соединува со Романија, за повторно со Рибентроп-Молотовиот договор да падне во рамките на СССР како Советска Република Молдавија.

 

Проблемот со Транснистрија

Движењето за распад на СССР ја изложи Молдавија на излив на национализам и мнозинството граѓани изразија намера да го напуштат СССР во корист на обединување со Романија. Но, руското население кое претставува мнозинство во источна Молдавија одлучува да бара независност и самостојност. Противењето на властите во Молдавија ги доведува двете страни во војна преку која Транснистрија обезбедува де-факто самостојност, со помош на силна подршка од Русија. Во моментов, единица од 1500 руски војници ги обезбедува границите на Транснистрија. Во интернационални рамки, независноста на оваа територија не е признаена од ниту една држава-членка на Обединетите Нации.

 

 

 

Обединување со Романија

Покрај јазично-културолошките сличности помеѓу романскиот и молдавскиот народ, обединување на двете земји не е на повидок во блиската иднина. Влијанието од руската окупација предизвика молдавскиот народ и нивните политички престставници да се поистоветуваат со политиката на Русија отколку проевропската политика на Романија. Истовремено, афтокефалноста на молдавската црква е директно под контрола на руската, која континуирано се противи за унификација со Романија. На неколку анкети изведени во двете земји резултатите се дека 30% од Молдавците подржуваат обединување, додека тој број изнесува 80% кај Романците.

 

Што е следно за Молдавија?

Се до изборот на проевропската претседателка Маја Санду, Молдавија очајно се обидуваше да ја игра двојната политика налик на Србија, додворувајќи се на Русија и Европската Унија истовремено, без притоа да ја има потребната политичка и економска сила. Поранешниот претседател Игор Додон и неговата партија на социјалисти, која во моментов го контролира парламентот, преку новодонесени закони успеваат да префрлат значаен дел од моќта на престедателот кај нив, оневозможувајќи и на Санду успешна реформа во системот. На 6 ноември се одржаа масовни протести во главниот град Кишиниев, по повод барање за нови парламентарни избори.

 

 

Патот на прогрес на Молдавија е стрмен со тоа што претседателка Санду ќе биде соочена со константна блокада на про-рускиот парламент, а воедно и под закана за повторна воја во Транснистрија.

 

Дарко Милошевски