„Мисли Малце“, иницијатива на Елена Савеска против системските предрасуди и стереотипи

Се додека говорот на омраза се фокусира на делот на говорот,

а не на омразата, ќе се соочуваме со истиот.


„Мисли Малце“ е иницијатива предводена од студентката Елена Савеска, која преку  постери со ударни пораки се обидува да ја подигне јавната свест за последиците од предрасудите и стереотипите со кој се соочуваат жителите во нејзиниот град Тетово.

„Не е нормално да се мрази“, „Нема ваши и наши, туку богати и сиромашни“, „Вистинските мажи плачат“ се само дел од пораките преку кои Елена се обидува да разбие одредени застарени ставови во нашата заедница. За да се допре до пошироката маса, постерите се напишани на три јазици, македонски, албански и ромски. Разговаравме за нејзината иснпирација, нејзината порака и за тоа како другите млади би можеле да влезат во водите на активизмот.

 

 

  1. Што те поттикна на ваков активистички потег во твојата околина?

Она што најмногу ме поттикна за активности во мојата околина е фактот што нештата остануваат исти, непроменети. Луѓето ја прифаќаат суровата реалност без воопшто да се спротистават или да го кренат својот глас. Сите ја гледаме неправдата и омразата, но сепак никој ништо не презема во врска со тоа.

Системот е трул и не функционира. И што можеме да направиме во врска со тоа? Ја кривиме државата и политичарите. А од каде потекнуваат и кои се оние кои ги избираат и им верува? Народот. Народот е секаде и во секоја институција и ако тие самите не функционираат, значи треба нешто да се смени кај народот.

 

  1. Зошто „Мисли Малце“? Која е главната порака на твоите постери?

Името на иницијативата е „Мисли Малце“ затоа што провоцира. Сами треба да си ги вклучиме сијаличките над главите и да помислиме барем малку за тоа што се случува и, најважно, зошто тоа се случува. Време е да се оттргнеме од ставовите кои носат поделба и омраза.

Пораката која сакам да се извлече од оваа акција е, едноставно, мир. Сите различни постери од мојата иницијатива прдонесуваат до разголување на клучните прашања за градење на позитивен мир во заедницата во која што живеам.

 

  1. Какви се реакициите од граѓаните? Дали си соочена со закани и говор на омраза?

Морам да кажам дека инцијативата произлезе спонтано преку дискусија за тоа како можеме да бидеме повпечатливи. На самиот почеток луѓето ретко ги заприметуваа постерите и имаше минимална реакција. Но, со секоја нова порака успеав да привлечам и се поголемо внимание. Секако се појавија и тие на кои им пречеше истата, не се согласуваат со пораката или им пречеше јазикот на кој е напишан. Реакциите варираа од позитивни насмевки додека ја читаат пораката на постерот,  па се до говор на омраза и вандализам (кинење на постерите).

Тријазичноста, иако со намера да допре до што поголем број на граѓани, се докажа дека истата е се уште во полето на политиката. Се додека говорот на омраза се фокусира на делот на говорот, а не на омразата, ќе се соочуваме со истиот.

Со закани и притисоци се соочува секоја личност која што сака да го промени статус квото и закоравените навики кои ни диктираат што е нормално а што природно. Само ако продолжиме да иницираме промени и покрај целиот тој отпор, ќе може да постигнеме нешто.

 

  1. Доста голем број од младите и покрај нивната желба да бидат активни во нивното општество не се осмелуваат да инцирираат промена. Како млад активист, како ја собра волјата и инспирацијата за директно да се вклучиш во промената која сакаш да ја видиш?

Волјата и инспирацијата ја црпев постепено и со текот на времето. Се интересирав и вклучував во разни иницијативи и организации кои ми помогнаа критички да ги гледам работите и да верувам дека промената е возможна, но и дека вреди борбата за подобри нешта. Потребна ми беше и едукација за да знам како функционираат работите, нели би требало прво да ги знам правилата на игра за да знам како да ги променам или прекршам.

Доколку не ја вклучив и самосвеста или не ја согледав маргината каде општеството ги турка луѓето, најверојатно ќе останев така закоравена во фотелја или конзерва полна со омраза и неразбирање што ќе викаше дека работите не можат да се променат, молчењето е злато, една ластовичка не ја чини пролетта, жртвата е крива…

Имено има нешто посебно во она кога ќе придонесеш во нешто, а уште повеќе кога ќе увидиш дека им помага на другите.

  1. Што би им препорачала на младите кои сакаат да влезат во водите на активизмот?

Краткиот одговор би бил дека вреди.

Подолгиот, подобро е да се потрудите да промените нешто кон подобро отколку ништо да не правите и влошената ситуација да ве натера вие да се промените.

 

  1. Според тебе, што треба да преземе државата за твоите пораки да се претворат во вредности на заедницата?

Државата треба да преземе сериозни мерки и реформи во образованието. Со квалитетно образование ќе се постигне таа колективна свест за политичкото учество, човековите права и слободи, улогата на младите и други прашања кои се доста важни за едно навидум демократско општество.

  1. Што да очекуваме од тебе во иднина? Дали планираш да ја прошириш пораката на „Мисли Малце“?

Мислам дека пораката на „Мисли Малце“ се проширува со секое читање. Постерите кои можете да ги пронајдете во Тетово треба да се најдат во сите наши градови и села, па и пошироко на овој регион. Се надевам дека пораките ќе продолжат да се шират без разлика кој ја предводи акцијата. Ова се вредности кои му фалат на Балканот и вредности преку кои мора новите генарации да бидат проочувани. Без нив нема соживот ниту пак достоен живот.

Надежта за подобро утре ја вадам од младите и од нивната поддршка за тоа што го правам. Како што и увидовме, уште повеќе во оваа година, иднината е непредвидлива. Останува на мене да бидам уште по непредвидлива.

 

Дарко Милошевски