Кршење на табуата на левицата

Мошне парадоксална појава во дел од левичарските кругови при комбатирањето на аномалиите кои како неизоставливо својство произлегуваат од либералнaта демократија е постепеното, несвесно прифаќање на позицијата на Франсис Фукујама формулирана во неговото најпознато дело „Крајот на историјата и последниот човек“ во која либералната демократија се издигнува на статус кој што симболизира најдобра и финална форма на политичко уредување, форма која што на долг рок не познава подобри алтернативи.

Ваквото валидирање и прифаќање на неминовноста на либералниот демократски капитализам кристално се манифестира во ситуациите во кои левицата денес се обидува да изнуди критики упатени кон капитализмот без притоа да излезе од Фукујамаистичната рамка. Станува збор за оскудни морализирачки критики, повикување за повраток на идеите на „држава на благосостојба“ или пак застапување на радикална реорганизација на нашиот политички живот преку имплементација на локална непосредна демократија. Следствено на сето ова, на политичката сцена, експлозијата на феномените како „политичката коректност“ и „идентитетските политики“ предводени предоминантно од страна на либерализмот дополнително ја отежнаа мобилизацијата на широки маси на луѓе и акумулираа гнев и незадоволство кое го искористија десничарските бранови ширум Европа и Сад.

Многу левичари ја лоцираа причината за подемот на Трамп, не во самиот Трамп, туку во опсесивниот фокус на либералите со Трамп и компулсивната потреба истиот јавно да се осуди како расист и ксенофоб што на крај доживеа контра-ефект при обидот за придобивање на гласот на „просечниот Џо“ (average Joe).

Еден од тие левичари е и словенечкиот филозоф Славој Жижек, чија што порака до денешните левичари повикува на престанок во потреба за менување на светот и почеток на реобмислување на Големите прашања. Токму во неговото дело „Против двојната уцена“ („Against the double blackmail“) Жижек се обидува критички да ги стави под лупа одредени закржлавени штетни навики на левицата кои претставуваат пречка за нејзиниот прогресивен развој.

Во продолжение прочитајте го преводот на еден извадок од ова дело во кое тој зборува токму за ваквите „штетни навики“ кои според Жижек се клучни за овој регрес на слободната мисла на левицата:

 

Со цел да се врати еманципаторното јадро за идеата за Европа, постои цела серија од левичарски табуа – ставови кои прават одредени теми  да се недопирливи, кои треба да се остават непречени – кои што треба да ги напуштиме.

Првото е потполна глупост преправена во длабока мудрост: „Непријател е оној чија што приказна се уште не си ја слушнал“.

Не постои подобар литературен пример за оваа идеја од Франкештајн од Мери Шели. Во неа Шели прави нешто што конзервативец никогаш не би го направил. Во централниот дел од нејзината книга, таа му дозволува на чудовиштето да зборува во свое име, да ја раскаже приказната од неговата перспектива. Нејзиниот избор го изразува либералниот став кон слободата на говор во неговата најрадикална форма: сечија гледна точка треба да е слушната.

Во Франкенштајн, чудовиштето не е Нешто, ужасен објект кој што никој не се осмелува да го конфронтира туку тој е целосно субјективизиран. Мери Шели се движи во внатрешноста на неговиот ум и прашува како е да си етикетиран, дефиниран, опресиран, екскомунициран, дури и физички видеоизменет од страна на општеството. На најголемиот криминалец притоа му е дозволено да се претстави себеси како најголема жртва. Монструозниот криминалец се разоктрива себеси како длабоко повредена и очајна индивидуа која копнее за друштво и љубов.

Сепак постои јасен лимит на оваа процедура.

Дали сме исто така спремни да потврдиме дека Хитлер беше непријател само затоа што неговата приказна не беше слушната? Или во спротивно, дали доколку повеќе знам и повеќе го “разбирам“ Хитлер, толку повеќе Хитлер ми е непријател?

Движењето од екстерноста на одреден акт кон неговата „внатрешна смисла“, наративата преку која застапникот го интерпретира и оправдува, е потег кон измамничка маска. Искуствата од животот кои ги имаме од внатре, приказната која си ја кажуваме себеси за себеси со цел да го објасниме она што го правиме фундаментално претставува лага. Наспроти тоа, вистината лежи надвор, во нашите акции, во она што го правиме.

Следното табу кое што мораме да го отфрлиме е пребрзото изедначување на Европското еманципаторно наследство со културниот империјализам и расизам: многу од левичарите имаат тенденција да го негираат секое спомнување на „Европски вредности“ како идеолошка форма на евроцентричниот колонијализам. И покрај делумната одговорност на Европа за ситуацијата од која имигрантите бегаат, мора да дојде времето за напуштање на левичарската мантра според која нашата главна задача е критика на евроцентризмот.

Евидентната лекција од светот после нападот на 11-ти септември е дека сонот на Франсис Фукујама за глобална либерална демократија се покажа како илузорен. Но сепак, на економско ниво, капитализмот триумфираше ширум светот: земјите во развој кои што го прифатија – Кина, Виетнам и слични на нив – се оние кои сега растат во спектакуларни размери.

Глобалниот капитализам нема проблем во прилагодувањето на плуралноста на локалните религии, култури, традиции. Всушност маската на културната разноликост е оддржана од страна на вистинскиот универзализам на глобалниот капитал. Овој нов глобален капитализам функционира дури подобро ако е политички организиран во согласност со таканаречените „Азиски вредности“. Со други зборови, на авторитативен начин.

Суровата иронија на анти евроцентризмот е таква што, во име на анти-колонијализмот се критикува Западот и тоа во еден историски момент кога на глобалниот капитализам не му се веќе потребни западните културни вредности за да функционира непречено. Него сосема добро му оди со „алтернативниот модернизам“ – недемократската форма од капиталистичката модернизација која се наоѓа во азискиот капитализам.

На кратко, критичарите на евроцентризмот ги одбиваат западните културни вредности во момент во кој, критички реинтрепретирано, многу од нив како егалитаризмот, основните човекови права, социјалната држава и слично, можат да послужат како оружје против капиталистичката глобализација. Дали заборавивме дека всушност, целата идеја за комунистичката еманципација предвидена од Маркс е темелно „евроцентристичка“?

Друго табу кое што треба да се напушти е идејата дека заштитата на одреден специфичен начин на живот претставува само по себе прото-фашистичка или расистичка категорија. Идејата звучи отприлика вака: ако инсистираме во заштитата на нашиот начин на живот го отвараме патот за анти – имигрантскиот бран кој напредува ширум Европа и чиј што најскорешен знак е фактот дека на скорешните шведски избори за прв пат, анти – имигрантската демократска партија ги победи социјал-демократите за да стане најсилната партија во земјата.

Сепак, адресирањето на грижите на обичните луѓе околу заканите по нивниот начин на живот може да биде сторено и од левичарска позиција – нешто за кое што демократскиот американски политичар Берни Сандерс е жив доказ. Треба да биде кажано дека вистинската закана по нашиот заеднички начин на живот не се појавува во форма на имигранти туку лежи во динамиката на глобалниот капитализам. Во САД, како пример се економските промени воведени од „Реганокомијата“ кои направија повеќе во уништувањето на комуналниот живот во малите градови – начинот преку кој обичните луѓе учествуваа во политичките настани и стремеа кон колективно решавање на нивните локални проблеми – отколку сите имигранти заедно!

Стандардната левичарска либерална реакција на секое спомнување на „заштита на нашиот начин на живот“ е секако, експлозија на арогантен морализам: според оваа реакција, во моментот кога даваме каква било веродостојност на мотивот на „заштитата на нашиот начин на живот“ неповратно се компромитираме себеси бидејќи се што правиме е предложување на поумерена верзија од онаа која анти – имигрантските популисти отворено ја застапуваат.

Не ли е ова всушност приказната од неодамнешните децении во Европа?

Партиите од центарот го одбиваат отворениот расизам на анти – имигрантските популисти, но симултано изјаснуваат дека „ги разбираат грижите“ на обичните луѓе и воспоставуваат „порационална верзија“ од истата политика.

Друго левичарско табу кое што треба да биде напуштено е она кое што забранува било каква критика на исламот како случај на „исламофобија“. Ова табу претставува вистинско пресликување на анти – имигрантската популистичка демонизација на исламот па затоа треба да се ослободиме од патолошкиот страв на многуте западни леви либерали дека може да бидат виновни за исламобофија.

Потсетете се како Салман Рашди беше осуден за непотребно провоцирање на муслиманите и притоа означен како одговорен (во најмала мера делумно) и неговото осудување  на смртт од страна на фатвата – одеднаш сржта на проблемот не беше фатвата како таква, туку начинот на кој што ние можеби го разбудивме бесот на муслиманските владетели на Иран. Резултатот од таквиот став е онаков каков што може да се очекува: колку што повеќе западните леви либерали ја истражуваат сопствената вина, толку повеќе се обвинети за лицемерие и скриена омраза кон исламот, од страна на муслиманските фундаменталисти.

Ваквата парадигма совршено го репродуцира парадоксот на суперегото: колку повеќе се потчинуваш на она што псевдо-моралното застапништво го бара од тебе, толку повеќе си виновен. Се чини дека колку повеќе го толерираш исламот, толку посилен ќе биде притисокот по тебе. Истото важи како точно за приливот на имигрантите: колку повеќе Западна Европа е отворена за нив, толку повеќе ќе биде правена виновна дека не успеала да прими уште повеќе, дека никогаш нема да прифати доволно.

Слично на тоа, при сместувањето на имигрантите, колку повеќе некој покажува толеранција кон нивниот начин на живот, толку повеќе истиот ќе биде направен да се чувствува виновен за непрактикување доволно толеранција. Муслиманските деца не се послужени со свинско месо во училиштата, но што ако ги вознемирува јадењето на свинско месо од страна на другите деца? На нив им е дозволено да бидат покриени во училиштата, но што правиме со полуоблечените локални девојки кои ги вознемируваат? Нивната религија е толерирана,  но нивната религија не е почитувана од другите, итн, итн.

Тивката премиса на критичарите на исламофобијата  е дека исламот некако му резиститира на глобалниот капитализам, дека претставува привилегирана пречка на неговата неконтролирана експанзија – следствено на тоа, без оглед на тоа какви се нашите резерви за него, треба тактички да поминеме преку нив, во име на солидарноста за Големата борба. Оваа премиса треба да биде недвосмислено одбиена. Политичките избори кои исламот ги нуди можат да бидат лесно идентификувани: тие се движат од фашистички нихилизам, кој паразитира врз капитализмот, па се до она што го застапува Саудиска Арабија – може ли некој да замисли земја која што е повеќе интегрирана во глобалниот капитализам од Саудиска Арабија или ОАЕ? Најмногу што исламот може да понуди (во неговата „умерена верзија“) е уште еден “алтернативен модернизам“, визија од капитализмот без неговите антагонизми кое што не може, а да не наликува на фашизам.

Понатамошно, многу посуптилно табу кое треба да се напушти е изедначувањето на исполитизираната религија со фанатизмот и претставувањето на исламистите како предмодерни, „ирационални“ фанатици. Против таквиот фанатизам, некои секуларисти (како Сем Хeрис) ги пофалуваат оние кои ја практикуваат религијата (учествуваат во религиозни ритуали) без да веруваат во неа, почитувајќи ја како дел од нивната култура.

Всушност исламот беше тој што ја воведе и тврдеше оваа дистинкција. За разлика од западните либерално секуларни општества во кои државната моќ ја заштитува јавната слобода и  интервернира во приватниот простор (на пример кога се сомнева за злоставување на деца), во Исламското право ваквите навлегувања во домашниот простор не се дозволени иако конформизмот во „јавното“ однесување може да биде многу построг: она што е важно за средината е социјалната практика на муслиманскиот субјект, вклучувајќи го и јавното изразување, а не неговите внатрешни мисли, какви и да биле. Сепак, како што Куранот вели:

„Па, кој сака нека верува, па, кој сака нека не верува“

Ова право да се мисли што ќе се посака не го вклучува правото на јавно изразување на религиозни или морални верувања со намера за конвертирање на луѓе кон лажна посветеност.

Сепак, таквото неверувачко учество во религиозни ритуали може да биде еднакво насилно како и „искрениот“ фанатизам. Интересна несреќа се случи во Њујорк, во Јуни 2015-та година кога геј групи јавно ја прославуваа федералната легализација на истополовите бракови. Некои од нивните противници организираа контра – протести. Традиционалните Евреи и Еврејскиот комитет за политичка акција најмија Мексикански работници за да се облечат како Евреи и да протестираат наместо нив, носејќи знаци на кој што се напишани работи како „Јудаизмот забранува хомосексуалност“ и „Бог ги создаде Адам и Ева, а не Адам и Стив“.

Хеши Фрид, претставникот на групата, го оправда овој акт преку тврдењето дека Мексиканците се пријавувале за да ги заштитат Евреите од морална корумпираност:

„Рабините рекоа дека Јашива момчињата не би требало да излезат на протестот поради тоа што би ги виделе на парадата.“

Како што еден остар критичар коментираше, Еврејските момчиња веројатно беа „подолу на улицата, забавувајќи се со нивните пениси на отворено“. Прекрасно нова и неочекувана визија за внатрешната пасивност. Најмувам други да протестираат во мое име додека јас учествувам токму во тоа нешто против кое јас протестирам преку друг. Ова е добар пример за тоа како и неверник може да ги ужива практичните консеквенци од верувањето. Некој можеби не верува во Бог, но сепак верува дека Бог ја подарил земјата во сопственост на неговиот народ.

Во средината на 2015-та година, израелскиот заменик-министер за надворешни работи, Зипи Хотовели, во обраќање до новите членови на персоналот на министерството за надворешни работи наводно изјавила дека Израел не треба повеќе да говори во прикриени термини за поседувањето на земјата затоа што Бог им ја дал истата на Евреите. Хотовели цитираше средновековен еврејски рабин по име Раши кој што пишувал за создавањето на светот. Во таа насока, рабинот предложил: „Ако нациите на светот му кажат на Израел  „Вие сте крадци, вие насилно ја освоивте земјата на седумте нации“, тие ќе одговорат „Целата земја припаѓа на Светиот, благословен да е. Тој ја создаде (ова го дознаваме преку приказната за создавањето) и ја даде на на оној кој што Тој го процени за достоен, кога Тој посака“. Според Хотовели Израел денес треба да ја следи истата политика бидејќи време е да му се каже на светот дека “ние сме исправни – и паметни“.

Со вакви просветлени пријатели од Западот, на кого му се потребни фундаменталистични непријатели? Ако едно такво директно легитимизирање на нечие тврдење за посед на земја преку повикување кон волјата на Бог не претставува религиозен фундаментализам, тогаш треба да се запрашаме дали овој термин има било какво значење.

Сепак, тука би требало да го забележиме отворениот циничен пресврт претставен преку заклучниот предикат: „ние сме исправни – и паметни“, ние сме исправни во тврдењето дека Бог ни ја даде оваа земја и „паметни“ во користењето на ова религиозно оправдување иако знаеме дека е бесмислица.

Но, дури и да го сфатиме сериозно тврдењето дека земјата на Израел била дадена од Бог на Евреите, како се случило ова? Стариот Завет го опишува овој дар во однос на етничко чистење. По нивното ослободување од ропството во Египет, Израелитите пристигнуваат на работ на Ветената земја, па потоа ги окупираат овие региони.  На Израелитите, навистина им било наредено да “не остават живо ништо што дише“ (Петта книга Мојсеева 20:16). Во книгата на Исус Навин е запишано како Израелитите ја извршиле оваа наредба: „тие го посветија градот на Бога и го уништија со меч секое живо суштество во него – мажи и жени, стари и млади, добиток, овци и магариња“ (Книга Исус Навин 6:21).  Неколку поглавја подоцна читаме како Исус Навин, лидерот на Израелитите, не остава преживеани. Тој тотално уништил се што дишело, онака како што Богот на Израел наредил (10:40). Текстот спомнува град по град во кој што Исус Навин, по божја наредба, ги ставал сите на меч, тотално уништувајќи ги населениците без да остави преживеани. ( 10:28, 30, 33, 37, 39, 40, 11:8). Дали треба да го осудиме Јудаизмот за овие дела? Не, секако дека не. Наоѓаме слични пасуси во сите класични религиозни текстови, вклучувајќи ги и будистичките. Сепак, она што треба да го направиме е недвосмислено отрфлање на директната употреба на овие пасуси како легитимизација на современата политика. Згора на тоа, треба да ги игнорираме истите не само затоа што не се есенцијални за иманентната соддржина за религијата која е во прашање, но и затоа што нивната опресивна употреба е условена од специфични историски околности.

За жал, Израелската влада е вовлечена се подлабоко и подлабоко во оваа кал. Во обраќањето до Светскиот Ционистички Конгрес на 21-ри октомври 2015-та година, во Ерусалим, премиерот Бенјамин Њетањаху предложи дека Хитлер сакал само да ги истера Евреите од Германија, не да ги истреби, а за тоа е виновен Хаџ Амин ал-Хусеини, палестинскиот голем муфтија на Ерусалим кој што некако успеал да го убеди Хитлер да ги убие Евреите. Њетањаху наводно опишува размена помеѓу двајцата мажи во ноември 1941 година, во која Ал – Хусеини му рекол на Хитлер дека ако ги истерал Евреите од Европа, „сите ќе дојдат тука“ (во Палестина). Според Њетањаху, Хитлер потоа прашал: „Што треба да правам со нив?“, на што муфтијата вратил со: „Запали ги“.

Многу од израелските врвни истражувачи на Холокаустот веднаш ги проблематизираа овие изјави, посочувајќи дека размената помеѓу Ал – Хусеини и Хитлер не може да биде верифицирана и дека масовните убиства на европските Евреи од страна на СС единицата за убивање веќе биле извршувани кога двајцата мажи се сретнале. Реагирајќи на коментарите на Њетањаху, опозицискиот лидер Исак Херцог напиша:

„Ова е опасна историска дисторзија и барам Њетањаху веднаш да ја исправи бидејќи го минимизира Холокаустот, нацизмот … и уделот на Хитлер во ужасната несреќа на нашиот народ“.

Тој додаде дека изјавите на Њетањаху им одговараа на негирачите на Холокаустот. Членот на парламентот и на Ционистичката унија Ицик Шмули, го повика Њетањаху да се извини до жртвите на Холокаустот: „Ова е голем срам, премиер на Еврејска држава на услуга на негирачите на Холокаустот – ова е невидено“.

Осудувајќи ги коментарите на Њетањаху, главниот Палестински преговарач за мир Саеб Ерекат напиша:

„Тажен ден во историјата е кога лидерот на Израелската влада толку многу го мрази неговиот сосед, што е спремен да го аболицира најозогласениот воен криминалец во историјата, Адолф Хитлер, од убиството на 6 милиони Евреи за време на Холокаустот“.

Потпаролот на Ангела Меркел исто така ја одби формулацијата на Њетањаху:

„Сите Германци ја знаат историјата на убиствената расистичка манија на нацистите која го предводеше кршењето на цивилизацијата, а тоа беше Холокаустот. Знаеме дека одговорноста за овој криминал против човештвото е германска и само наша“.

Не треба да имаме илузии во однос на значењето на изјавите како оние на Њетањаху: тие се јасен знак за регресијата на нашата јавна сфера. Обвинувањата и идеите кои досега беа ограничени на непознатото подземје на расистичката непристојност, сега добиваат основа во официјалниот дискурс. Сепак постои една добра работа во однос на нетолеранцијата на религиозните фундаменталисти. Тие не можат да се толерираат меѓусебно. Нема опасност од било каков “обединет фронт“ на христијански и муслимански фундаменталисти во Европа (ако се изостават мали соработки како што е нивната споделена заложба за криминализирање  на “непочитувачки“ натписи за нивната религија како говор на омраза).

Во меѓувреме, Европската муслиманска заедница (што достигнува многу подалеку од фундаменталистите) се соочува со парадоксален предикамент. Иако постојат многу христијански и муслимански либерали кои покажуваат голема меѓусебна толеранција, единствената политичка сила која не ги редуцира Муслиманите на граѓани од втор ред и која им дозволува простор за завземање на нивниот религиозен идентитет се безбожните атеистички либерали. Оние кои се најблиску до нивната социо-религиозна практика, нивната христијанска огледална слика се нивните најголеми политички противници. Парадоксот е дека нивните единствени, вистински сојузници се оние кои во име на солидарноста кон слободата на изразувањето ги препечатија карикатурите на Мухамед.

 

Извадок од: „Против двојната уцена“, Славој Жижек

(„Against the Double Blackmail“, Slavoj Žižek)

„Refugees, Terror and Other Troubles with the Neighbours“

Превод: Мартин Тошевски