Клучни поенти од претседателската дебата за ФСС на Правен

За студентите на Правниот факултет при УКИМ вчерашните вечерни часови поминаа во предизборна атмосфера зачинета со двочасовна дебата помеѓу кандидатите за претседател на Факултетското Студентско Собрание, Симеон Јанев и Умејр Муамеди.

Виртуелната дебата беше проследена на Јутјуб каналот на студентскиот медиум „Авангарда“, а беше модерирана од страна на тимот на „Јустинијан збори“, кој со својот широк спектар на прашања поднесени од студентите ги предизвика кандидатите и се обиде подобро да ги запознае нивните ставови и програми.

 

 

Значителен дел од течението на размената на мислења соддржеа обвинувања  за личниот кредибилитет и нивниот минат труд за студентската кауза, кои беа посочувани наизменично од двајцата кандидати.

Излагањата на Умејр генерално беа фокусирани кон укажување на сервилноста на дотогашните претставници на ФСС, неисполнување на ветените проекти и критика кон актуелниот претседател кој „не беше способен да управува со финансиите и не иницираше работа.“

Како одбрана на ваквите обвинувања, кандидатот Симеон ја стави под знак прашалник заложбата и стореното на неговиот противник во рамките на неговата досегашна работа во ФСС.

„Од вас не слушнав за реализирање на ниту еден проект, немавте ниту една иницијатива, не бевте вклучени во дискусиите кои што се водеа на седниците, ниту пак дебатиравте по одредени прашања“, изјави Симеон кој што ја искористи приликата да ги спомене сите остварени проекти за време на поранешниот мандат на ФСС.

 

 

  • Штедење наспроти Трошење

Неоспорлив и неизбежен аспект од работењето на една организација како ФСС на Правниот факултет претставуваат менаџирањето на финансиите и транспарентноста при нивната употреба. По повод ова прашање кандидатите имаа сосема различни замисли. Од една страна го имавме аргументот од страна на кандидатот Симеон кој што се повика на домаќинско раководење со средствата во услови на пандемија, притоа потенцирајќи на потребата од основано трошење на одобрените средства, пренамената на истите за други цели и за многуте проекти кои што, според него, биле реализирани  „без притоа да се вложи денар и студентот да биде изложен на дополнителен трошок“.

„Ниту денар не беше потрошен, а беа реализирани крупни проекти“, додаде Симеон.

За разлика од ваквиот став, Умејр во неговото излагање се обиде да ја истакне  потребата од искористувањето на одобрените средства повикувајќи се на годишноста при управувањето на буџетските средства, со објаснување дека доколку наведените 110.000 денари не бидат искористени, ќе бидат неповратно изгубени.

 

  • Дигитализацијата и административните служби

Поаѓајќи од новонастаната состојба со корона кризата, кандидатите беа запрашани во врска со нивните замисли за процесот на дигитализација на наставата и испитите. На ова прашање Симеон изрази потполна заложба за дигитализација на долг рок со образложение дека:

„Дигитализацијата е спремна и ќе се одвива во две фази: дигитализација на студентските прашања како прва фаза и воведување на платформа за далечинско учење како втора фаза,  која ќе биде воведена најдоцна до 15-ти февруари наредната година.“

Кандидатот Умејр сепак покажа скептицизам кон ваквите ставови претставувајќи ги како демагогија и нереалистична опција во актуелните услови за време на пандемја.

Она што е важно да се напомене е согласувањето на двата кандидати кога станува збор за потребата од поголемо инволвирање на студентите во работата на студентските прашања со цел нивно поефикасно услужување.

 

  • Наставни и вон наставни активности

За студентите од Правниот факултет недостатокот на практична настава претставува секојдневие. Оттаму,  токму овој проблем беше дел од програмите на двата кандидати кои предложија најразлични решенија.

Умејр презентираше неколку потенцијални идеи како што се: поделба на теорија и пракса при полагањето на одредени предмети и организирање на симулирани судења за стручно оспособување на студентите.

Како демант на визиите на Умејр, Симеон ја потенцираше неможноста за толку лесна имплементација на поделеното полагање на испити од причина што тој процес подложи на акредитација на наставата која што се врши на секои три години.

„Во врска со курсот за практични и правни вештини, студентите наскоро ќе имаат отворени повици за учество во истиот. Студентите ќе можат да учествуваат шест пати во текот на месецот и ќе можат да се стекнат со надоградување на нивните практични вештини во соработка со ФСС и ЕЛСА“, додаде Симеон.

 

  • Студентски стандард и трошоци

Во однос на студенскиот стандард Симеон се повика на тековниот процес за  „реформирање за системот на стипендии кој што досега се исплаќаа еднократно, а од сега па натаму ќе се исплаќаат на месечно ниво“.

Симеон исто така безусловно повика за целосно укинување на дополнителните трошоци кои студентите беа приморани да ги плаќаат. За разлика од него, Умејр ја презентираше идејата за солидарен фонд чиишто средства би биле наменети за помош на студентите од социјалните категории.

 

 

  • Маргинализацијата на студиите со помал број на студенти

Се чини дека оваа дебата привлече особено големо внимание кај студентите кои студираат на политичките, новинарските и студиите за односи со јавност на Правниот  факултет.

Чести беа прашањата околу сослушување на проблемите на овие студенти и нивната инклузија во решавањето на истите. Ваквиот проблем потекнува од се поголемата, континуирана маргинализација на овие студии чиишто проблеми остануваат заборавени и без идејни решенија. Значајно за напомена е фактот што и двајцата кандидати во нивните одговори недвосмислено покажаа подготвеност за соработка со сите студенти, од сите студии.

 

На крајот на денот, на сите студенти од Правниот факултетот кои имаат право на глас им преостанува само уште да го остварат истото и во петок, на 4ти декември, по електронски пат да го дадат својот глас за еден од кандидатите.

Упаството за начинот на спроведување на електронските избори е достапно на следниот линк, а виртуелното гласачко ливче ќе го добие секој студент на својата е-маил адреса во петок наутро.

 

Мартин Тошевски