[Став] Јавна соба – Јавна морална криза

Последниве денови целиот македонски етер беше како од бура разнесен од тема која што и не е така непозната со оглед на тоа што како општество ја дискутиравме минатата година и која што главно поради неажурноста на институциите повторно сме оправдано принудени да ја адресираме. Случајот со „Јавна Соба“ ни дава до знаење дека како култура се соочуваме со  морална криза која што како артефакт на едно дамнешно време се уште ја носи улогата на општо прифатена норма кога станува збор за насилството насочено кон жените и симболиката која произлегува од самиот начин на кој ова општество гледа на нив.

За да укажам на алармантноста на оваа етичка катастрофа, ве охрабрувам да излезете на улица и да ги запрашате уличните минувачи за нивното мислење околу случајот со „Јавна Соба“ или пак, доколку сметате дека актуелната разгореност по повод  овој настан на некој начин би ги спречило луѓето да размислуваат трезвено и непристрасно, запрашајте ги едноставни, но конкретни прашања кои како предмет би ги имале улогата и третманот на жената.

Ве уверувам дека и во двата случаи нема да добиете едногласен консензус за вашите прашања. Впрочем,  воошто не морате да го напуштите вашиот дом и истото можете да го посведочите како се одвива на социјалните мрежи. На штета на сите, а особено на  погодените жртви приморани сме да водиме јавна дискусија околу оправданоста на вознемирувањето на жените. Јавна дискусија која што повеќе наликува на сценска претстава без публика на која презентираме апсурден, бизарен хумор и притоа наместо да се смееме, воопшто не го разбираме хуморот.

Ако не ме разбравте што точно што сакав да доловам со претходната мисла  и ја сметате за нејасна и нелогична, тогаш имате барем малку увид во начинот на кој што гледам на ирационалноста воопшто да ја сметаме темата _ вознемирување на жените_ како тема вредна за зазимање позиции на „за“ и „против“.

Зарем навистина би сакале да живеете во средина во која ќе бидете постојано приморани да дебатирате дали било какво вознемирување на жената е оправдан акт?

Но сепак, мораме да го занемариме барем привремено идеализмот за да направиме место за материјалната реалност. Се соочуваме со сериозна морална декаденција која мораме безусловно да ја излечиме од причина што колку повеќе ги игнорираме овие настани и научени културни убедувања, толку повеќе како колектив стануваме десензитивизирани и комформисти при сведоштво на насилство и што е подрепримирачки, негови посветени бранители.

Социјалните мрежи деновиве претставуваа смеса од разменувани мислења без добра волја, напади, вулгарности во кои тешко може да се изнајде надеж за прогрес и ронка здраворазумност. Охрабрувачки е фактот што огромен број на луѓе излегоа во поддршка на жртвите, но сепак загриженост доаѓа од таборот на граѓани што експлицитно или имплицитно го подржуваат или пак го дисмисираат проблемот. Пред да преминам на целокупна деконструкција на нивните аргументи пожелно е точно определување на видовите на аргументите кои беа приложени како одбрана на актите или дистракција од нив.

Токму воден од оваа обсервација успеав да забележам два типа на граѓани во поглед на степенот на поставеност спрема жртвите и случајот „Јавна Соба“.

Како први и очигледни се издвојуваат секако аргументите со тотално експлицитна и вулгарна  шовинистичка, мизогонистичка и сексистичка соддржина наменета кон женскиот пол и двојна виктимизација на жртвите и давање легимитет на сторителите.

Ваквите типови на аргументи воопшто не ни соддржат добра волја за сослушување и позитивен придонес во јавниот дискурс туку служат исклучиво за предизвикување хаос и нанесување на дополнителна штета па затоа цврсто сум уверен дека најинтелигентниот потег во овие инстанци едноставно е апстиненција од каков било обид за впуштање во цивилизирана размена на мисли чија што природа  е суштествено нецивилизирана.

На тој начин тие потполно излегуваат од рамката на разумна дискусија и токму поради тој факт би го цитирал Сем Харис: Ако некој не ги вреднува доказите, какви докази би му приложиле за да му докажете дека треба да ги вреднува? Ако некој не ја вреднува логиката, каков логичен аргумент би му презентирале за да му го покажете значењето на логиката?

Ирационалните ставови својот највисок потенцијал за причинување на општествена штета го имаат во еден колективен, трибален начин на резонирање што го сведочиме како срамна дамка на нашето секојдневие. Со оглед на тоа што констатиравме дека оние оттаде разумот не заслужуваат сослушување ниту какво било внимание, тоа треба да го насочиме на вториот тип на аргументи кои се составени на значително посуптилен начин кој што е потежок за разобличување. Затоа можеби ваквите аргументи  се попримамливи за секој кој што не вложува доволно од својата автономија на критичка мисла додека наишол на истите.

Како класичен и веќе познат аргумент е оној кој што ја содржи неформалната логичка грешка наречена „Лажно изедначување“, која што се состои во истовремено осудување на двете страни тврдејќи дека и двете страни се еднакво виновни за одредено непожелно однесување додека пак целта на ваквиот аргумент е перфидно  фаворизирање на само една од страните. Пример за ваков аргумент е добро познатиот: „Го осудувам чинителот на кривичното дело, но и девојката не требало да си се рекламира со голи слики од себе си. И двајцата си се криви.“

Ваквото изедначување создава привидна слика на споделена вина кога всушност никакво однесување на една девојка не дава морална оправданост за нејзино вознемирување.

Но, за мене лично можеби најфасцинирачки тип на луѓе беа оние кои апропо познатиот слоган „Едуцирај го син ти“ неуморно го промовираа неговиот антипод кој што гласеше  „Едуцирај си ги децата, а не само син ти“.

За да го разбереме местото и значењето на ваквиот став во потесна смисла, потребно е да го вметнеме во специфичниот историски контекст кој што го одбележува одреден временски период. Ако сте од оние следбеници на американската политика тогаш  горенаведената формулација сигурно буди кај вас необјаснива сличност во начинот на артикулација. Не сте далеку од вистината.

Како реакција на познатите протести по повод убиството на Џорџ Флојд кои што парадираа под слоганот „Black lives matter“, од конзервативната страна се појави контра тезата „All lives matter“.  Има нешто толку труло и сомнително во обидот како реакција на социјално движење за правда на одредена конкретна групација да се прибегнува кон искази кои промовираат универзалност. Ваквиот повик за универзална важност на сите животи служи исклучиво за дистракција од конкретниот извор на проблемот и вметнување на сите оние што воопшто не се нималку погодени во системската, диспропроционална дистрибуција на насилство.

Колку повеќе се растегнуваат и универзализираат рамките на еден конкретен општествен феномен со конкретни жртви, дотолку повеќе жртвите го губат својот глас во “еднаквоста на сите животи”.  При секоја историска ситуација во која што постои конкретно системско насилство врз конкретни луѓе, тоа конкретно насилство го завзема статусот на универзалност. Водени од желбата да ставиме крај на конкретно насилство, контрапродуктивно би било да го гледаме целокупното насилство во едно општество.  Би било на пример бесмилено да се истражува целокупниот расизам во нацистичка Германија, а да се игнорира анти-семитизмот. Повторливите трендови на насилство, дискриминација и кршење на човекови права насочени кон одредена групација на луѓе е посебното обележје кое се одвојува поради својата усмереност. Имено самиот аргумент „Аll lives matter“  не претставува ништо друго освен тотално неразбирање на логиката зад „Black lives matter“. За таа цел се трудев да ја дедуцирам конкретната заложба што е имплицирана со оваа фраза и според мене опфаќа две премиси:

  1. Ако имаме диспропорционална повреда на правата на луѓето со разлики во бојата на кожата, тогаш нивните животи се доволно вредни за да не бидат загрозени, исто како и на сите останати.
  2. Имаме диспропорционална повреда на нивните права.

Заклучок: Нивните животи се доволно вредни за да не бидат загрозени исто како и на сите останати.

 

Самата цел  на „All lives matter“ не е воопшто универзална, туку служи за вовлекување на сите останати кои не се тангирани воопшто со проблемите со кои се соочуваат луѓето со разлики во бојата на кожата.

Сличен Modus Operandi на размислување го имаме од страна на заговорниците на „едуцирај си ги децата, а не само син ти“. Имаме неоспорни докази за сексуално вознемирување причинето од сторители кои се доминантно мажи што укажува за постоење на една субкултура чие постоење и опстојување е овозможено и поткрепено од пошироката средина во која за жал сеуште доминираат проблематични светогледи во кои жената неретко е ставена во подредена позиција.

Иако можеби општеството се оградува од постапката на неколкумина лоши луѓе,  сепак потребно е преиспитување на каква се начини, понекогаш симболичко и суптилно преку нашите секојдневни однесувања, убедувања и обичаи, создаваме јаз на дискриминација на женскиот пол.

Но, да се вратиме на „Едуцирај си ги децата, а не син ти“. Главна поента на овој аргумент  е потребата да се вклучат и нашите керќи во превентивата на машки доминирано насилство и тука повторно го забележуваме гореспоменатиот момент на универзалност (дури неретко истите луѓе кои беа вокални по повод all lives matter, денес се вокални во врска со “едукацијата на нашите деца”). Но, тука би се запрашале: Дали едукацијата на нашите ќерки ефективно ќе успее да го реши проблемот? Чија едукација би била нужна за прекин на лудилото со кои се соочуваме?

Да земеме пластичен пример.

Имам само една ќерка. Ја седнувам, ја информирам во однос на се што треба да знае. Не сакам да бидам сфатен погрешно, воспитување на нашите ќерки е пожелно и корисно во смисла на градење на свеста за нивните права и како треба да се постават при ситуација каде што постои шанса да бидат вознемирувани на каков било начин и да препознаат такво насилство и  го пријават. Но ваквиот пристап е само лечење на долготраен симптом и не ја адресира сржта на проблемот. Истовремено додека јас ја едуцирам мојата ќерка, комшијата си го учи син му дека “прав” маж би ја плеснал ќерка ми по задникот.

Затоа само едукацијата на мажите е нужен услов за да се реши проблемот на долг рок. Ниту еден едукативен разговор со нашите ќерки нема да го спречи нечиј син да го стори она што го намерил.

Исто така самата компулсивна потреба да се повторува фразата дека “не се сите мажи” исти која што впрочем во себе содржи индивидуалистички елемент, во смисла на препознавање на себеси во толпата од мажи за кои се тврди дека се погрешно изгенерализирани врз основа на малцинството на мажи.

Прашањето кое е релевантно за поставување е: Од каде потекнува тој порив да се укаже на фактот дека “не се сите мажи” исти кога всушност секој разумен човек е свесен за вистинитоста на оваа фраза која што воопшто не е во фокус во борбата за правата на жената. Што се цели да се одбрани со ваквиот аргумент? Во овој случај се брани нешто, што воопшто не е нападнато.

Главниот заклучок што треба да се извлече од сето ова е сознанието дека начинот на кој што разгледуваме одреден проблем може да биде дел од истиот тој проблем. Индивидуалната слобода да го користиме правото на слобода на говор и мисла со себе носи одговорност за она што е изречено во јавноста. Поради тоа, дури и ако пристапуваме со добронамерност, мора секогаш да сме свесни како секое наше однесување, секоја наша мисла макар и невино изречена, се она што го искусуваме како нормалност може да има удел во зајакнување на родовите стереотипи во средина од која и ние самите сме дел.

 

Мартин Тошевски