Изгубената година

Ковид вакцината која неодамна беше финализирана е на повидок и во Македонија, со што процесот на вакцинација на лицата кои се во најризична состојба се очекува да започне веќе во февруари. За разлика од државите во Европската Унија, Македонија ќе биде меѓу последните во Европа каде вакцината ќе биде достапна и за поширокото население.

Но, покрај фантазијата дека се ќе се врати во нормала и општеството повторно ќе фукционира како пред кризата, ќе мора да се соочиме со суштински проблеми поврзани со прашањето „Што се ни одзеде Ковид?“

 

 

Изгубивме квалитетна настава

И без некакви истражувања доволно сме свесни дека наставата во живо и онлајн наставата се сосема различни. Без разлика колку и да имаме посебни платформи или професори кои се обидуваат да ни го доловат предавањето, едноставно не сме стиганти до нивото каде онлајн наставата може да биде ефикасна замена на онаа во живо.

Истражувањето спроведено во Америка, ни покажува дека и во најдобрата можна опција, во јануари да се вратиме на традиционалната настава на учење, загубите се неповратни.

Истражувањето ги дели учениците во три групи. Во првиот дел, кај учениците кои се претпоставува дека имаат ефективна онлајн настава, се очекува загубата на квалитетно образование да им е од 4 до 6 месеци. Втората група се оние кои имаат онлајн настава со дискутабилен квалитет каде се очекува учениците да бидат во дефицит на 11 месеци од квалитетна настава.  Последната група, тие кои воопшто не следат онлајн настава, се очекува да се во загуба од 14 месеци од нормалното образование.

Ако го земеме предвид и онака крефкото образование што Македонија го нуди на своите ученици, можеме само да препоставиме колку подрастична ќе биде загубата кај нас споредена со таа во САД. Според податоците на МОН, денес кај нас повеќе од 8000 ученици се без пристап до ИТ уреди со кои би можеле да ја следат наставата. Нивна единствена опција која им преостанува е да ги следат наставните програми на Македонската Радио Телевизија.

 

Губиме Еднаквост

Според Светскиот Еконмски Форум пандемијата им придонесе огромен благодет на „ултрабогатите“.

„Во САД, над 44 милиони луѓе останаа без работа и невработеноста се зголеми на 15% помеѓу април и јуни 2020 година. Сепак, богатството на првите пет милијардери се зголеми за 102 милијарди долари, зголемувајќи го нивното богатство за 26%. Всушност, акумулираното богатство на американски милијардери се зголеми за над 637 милијарди долари на вкупно 3,6 трилиони долари, што е значително повеќе од целото богатство на 54-те земји на африканскиот континент.“

Анализа спроведена во Македонија пред Ковид-кризата укажува дека македонското општество е сиромашно во финансиска смисла, т.е. постојат значителни проблеми кај нееднаквоста на доходот. Имено, просечниот доход на најбгатите 0,1% е седум пати поголем од преостанатите 0,9% од највисокиот перцентил и неверојатни 34 пати поголем од 90-от процентил.

Анализата на нееднаквоста кај можностите откри и една многу позагрижувачка слика. Граѓаните на Северна Македонија од посиромашните сегменти постојано се соочуваат со неповолности при пристап до квалитетно образование, здравство, работни места и правда.

Поради недостатокот на истражувања може само да претпоставиме кои ќе бидат последиците од корона кризата во поглед на нееднаквоста. Едно е сепак сигурно, таа неминовно ќе се продлабочи.

 

Последици по менталното здравје

Истражувања спроведени во Шпанија, САД, Кина ни укажуваат на веќе доста утврдени факти за порастот на депресијата, аксизоноста и пост-трауматично стресно нарушувањe (PTSD) кај населението. За време на пандемијата предизвикана од коронавирусот откриено е дека повеќе од 50% од испитаниците  имале симптоми на анксиозност и депресија. Исто така, регистрирано е зголемување на чувството на осаменост, семејно насилство и злоупотреба на деца.

Хроничната осаменост предизвикана од социјалната изолација или „недостатокот на смисла“ во животот за време на пандемијата е уште една голема грижа. Некои луѓе неволно се најдоа со помалку блиски врски во ерата на социјално растојание и може да им биде предизвик да ги обноват своите друштвени мрежи. Други намерно се повлекоа од надворешниот свет за да си створат „чувство на безбедност“ и може да станат отпорни на зголемување на нивните социјални интеракции во иднина.

На почетокот на април, Обединетите Нации повикаа на итни глобални активности за борба против зголеменото насилство врз жените и девојчињата за време на пандемијата. Овој бран на насилство не е ограничен на една земја или еден регион. Медиумските извештаи го документираат зголемувањето на насилството низ целиот свет – од Аргентина, па се до Кина, Германија, Турција, Хондурас, Јужна Африка Велика Британија и Соединетите Држави, именувајќи само неколку. Во Малезија повиците се зголемија двојно, а во Франција се зголемија за 32 проценти. Во Либан, повиците за телефонска линија беа двојни во март оваа година, отколку истиот месец минатата година.

Според статистиката на МВР, во првото полугодие од 2020 година извршени се 435 кривични дела, за кои се пријавени 450 сторители. Висок процент од сторителите, односно 91,3%, се мажи кои вршат насилство врз нивните сопруги и родители. Според истажувачите, причината за пораст на насилството се сведува на различни фактори: луѓе кои поминуваат повеќе време дома со насилни партнери, невработеност и други финансиски стресори што предизвикуваат конфликт, засолништа што им ги затвораат вратите, но и полицијата која молчи пред ваквите случаи.

Според Хелсинишкиот комитет, споредбено со многу земји во Европа, но и на глобално ниво, каде порастот на семејното насилство од самиот почеток на изолацијата достигна над 25%, имаме причина да веруваме дека податоците го потврдуваат долгогодишниот проблем на непријавување од страна на жртвите, но и несоодветниот начин на евидентирање на кривичните дела и водење на родово разделена статистика.

 

Ковид кризата неминовно ќе заврши, но некои прашања остануваат да тлеат. Кога ќе стивне психолошката криза ширум светот? Како учениците ќе ја надоместат изгубената година? И уште колку ли ќе се продлабочува светската економска нееднаквост?

 

Дарко Милошевски