Без коски анализа: Трејдот на Харден во Бруклин

Бидејќи епизодата ни е дури во понеделник а сакавме да дадеме наше видување на блокбастер трејдот кој се случи синоќа после кој Џејмс Харден е нов играч на Бруклин Нетс, решивме да напишеме кратка анализа на самиот трејд.

Резиме на трејдот

Хјустон Рокетс: Виктор Оладипо (Пејсерс), Данте Ексум и пик (Кавалерс), Родион Курукс, три драфт пикови од прва рунда (2022, 2024, 2026) и четири заменски пикови (2021, 2023, 2025, 2027) од Нетс

Бруклин Нетс: Џејмс Харден (Рокетс)

Индијана Пејсерс: Карис Лаверт (Нетс), пик од втора рунда (2023) од Рокетс

Кливленд Кавалерс: Џерет Ален и Тауриан Принс (Нетс)

Повторно заедно во ист тим – Џејмс Харден и Кевин Дурент.

Хјустон Рокетс – крај на ерата на Харден во Хјустон

Количински Хјустон добива најмогу од овој трејд и по мое мислење ова е еден паметен трејд за нив бидејќи “исфрлуваат“ играч кој не беше задоволен од тимот и добиваат играчи на кој оваа година им е последна година од своите договори и ќе бидат слободни играчи летото и со тоа имат ‘чиста сметка’ да почнат да градат екипа од почеток. На тоа ако го додадеме и доаѓањето на Оладипо, тие и оваа сезона би имале шанса во плејоф. Со Силас како одличен офанзивен ум, овој тим на Хјустон има потенцијал да игра доста интересна кошарка, особено во офанзивата.

Бруклин Нетс – сега или никогаш

Бруклин Нетс со овој трејд ставаат се на следните сезона, две и одат all in во напад на титулата. Треба да се спомене дека историјата во Бруклин се повторува од 2013 година кога ја дадоа целата иднина за крајот на кариерите на Гарнет и Пирс. Сепак, ситуацијата сега е поразлична бидејќи го добиваат Харден кој сѐ уште е во својот прајм. Последиците? Иднината на франшизата.

Истовремено, тие загубија играчи кои ја носеа клупата на тимот и нивната одбрана – посебно поради загубата на Џерет Ален кој воедно досега е најдобриот дефанзивен играч во Бруклин. Со ова Нетс имат само еден центар во Деандре Џордан кој не е налик на играчот во Клиперс пред некоја година. Другиот проблем е длабочината на екипата бидејќи без повредениот Динвиди, кој е аут цела сезона, нивната ротација е смалена на само 9 играчи, вклучувајќи го и Кајри Ирвинг кој се однесува како ништо да не го засега и кој моментално никој не знае каде се наоѓа. Со Харден, офанзивата е уште подобра, но ќе биде проблем ако фали жар и желба кај Харден и Ирвинг да одиграат респектабилна одбрана низ текот не целата сезона. Сепак, и со просечна одбрана и неколку ветерани кои ќе мора да ги потпишат за да го комплетираат ростерот – трејдот е победа за Нетси, барем за во следните неколку години.

Индијана Пејсерс – same old, same old

Со додавањето на Карис Лаверт и заминувањето на Виктор Оладипо, искрено кај нив нема да видиме преголема промена бидејќи Лавер и Оладипо се сличен тип на играчи и со слични поентерски учиноци. И земајќи во обзир што Оладипо беше на својата последна година од договорот и се слушаа шпекулации дека сака надвор од Индијанаполис, може да се рече дека добија квалитетна замена за него.

Кливленд Кавалирс – инвестирање во иднината

Кавалирс се решија од својот лош пик од Бакси за наредната сезона и секогаш повредениот Данте Ексум со лош договор и добија одличен млад центар во Ален. Многу добар трејд за Кавси, иако сега имаат едно 25 центри и ќе мора наскоро да одлучат кој е планот за нивиот рибилд и околу кој ќе се врти играта следните неколку години.

Од денешна перспектива нема лузери во овој трејд – Хјустон и официјално започнува со рибилд, Бруклин ја напаѓа титулата, Пејсерс очигледно се среќни со моменталната ситуација во клубот а Кливленд продолжува со акумулирање на добри млади играчи врз кои ќе им се основа играта во годините што доаѓаат.

Мартин Георгиев