Еразмус+ продолжува со можности за студентите и оваа година

Оваа студентска година, покрај светската здравствена криза, ЕРАЗМУС+ програмата ќе продолжи да функционира и да ги реализира своите проекти.

Во рамки на оваа програма, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” повторно распиша конкурс за доделување стипендии за студенти студиски престој на високообразовните институции во ЕУ.

Програмата е отворена за сите заинтересирани редовни студенти, со завршена прва година на студии. За пријавување на конкурсот потребно е лично да ја поднесете апликацијата, најдоцна до 5 октомври 2020. Документите кои треба да се потполнат за аплицирање се приложени на веб страната на УКИМ и истите треба да бидат предадени во три примерока до ЕРАЗМУС+ координаторот на факултетот каде студирате.

Пред самото пополнување на документите за аплицирање, потребно е да се провери со кои европски факултети има склучено договор вашиот факултет, при што го бирате оној кој е најсоодветен, односно чиј курикулум најмногу одговара со предметите од вашиот иден летниот семестар.

Секако, неопходно е и да се советувате со професорот-координатор за ЕРАЗМУС+ на вашиот факултет пред да започнете со пополнување на апликацијата.

И покрај тоа што процедурата изгледа навидум комплицирана и обемна, со помош на вашиот координаторот, целата апликација се завршува за не повеќе три дена.

Доколку пак станете еден од примените кандидати на оваа програма, тогаш за вас следува стипендија која се движи од 470-520 EUR месечно, во зависност од земјата во која ќе престојувате, која има за цел да ги покрие трошоците за престој, храна и локален транспорт.

Доколку сте студент кој е желен за размена на образовно искуство во една нова, поинаква акдемска, културна и општествена средина, тогаш ЕРАЗМУС+ програмата е дефинитивно можноста за вас. Студентската мобилност која оваа програма ја нуди ги зголемува можностите за студентите за полесно вработување, ја зголемува општествената свест кај поединците и, секако, нивото на толеранција и свесност за местата од цела Европа.

Дарко Милошевски