Без парно, интернет и перални: животот на студентите во „Гоце Делчев“ во време на пандемија“

Помина повеќе од еден месец од вселувањето на академците во студентските домови. На вселувањето му претходеше еден период на пролонгирано исчекување на резултатите од примените студенти од страна на Министерството за образование и наука. Во меѓувреме, МОН ги објави протоколите и мерките кои требаше да се имплементираат во просториите на сите студентски домови. Протоколите соддржеа препораки за физичка дистанца помеѓу студентите, носење на маски, негрупирање, утврдување на дозволениот број на лица во собите и оддржување на генералната хигиена во домовите преку честа дезинфекција.

Како резултат на новите зададени правила, должноста за успешно приддржување кон истите колку што ја сносеа надлежните установи преку обезбедување на потребните средства и услови, толку ја сносеа и самите студенти преку почитување на правилата на однесување. Имено, новонастанатата ситуација со Корона-кризата ги стави под знак прашалник условите во студентските домови кои, во услови на пандемија, потребно е да се на највисоко можно ниво.

Оттаму, во изминатиот период, „Авангарда“ изврши кратка анкета меѓу студентите кои престојуваат во студентските дом „Гоце Делчев“ околу мислењето за нивниот досегашен престој во домовите. Одговорите на кои наидовме беа шаренолики според нивната соддржина, но од нив проникнаа проблеми кои беа зачестени и ги засегнаа повеќето или сите студенти.

Во однос на нивната генерална проценка за работата на студентскиот дом, половина од студентите сметаат дека се потполно задоволни од работата на студентскиот дом а останатата половина од студентите се делумно задоволни.

Оттаму, впрочем доаѓаат и најголемиот дел на критики и поплаки.

На прашањето во релација со оддржувањето на хигиената преку дезинфекција на просториите, најголемиот дел од студентите (58,2%) сметаат дека биле исполнети хигиенските  мерки за заштита од вирусот.

Според резултатите од анкетата, се чини дека на студентскиот дом „Гоце Делчев“ му е потребно зголемено ниво на надзор врз приддржувањето на студентите кон протоколите за однесување. Повеќе од половина од студентите сведочат за непостоење на надзор од страна надлежните вработени, додека 13,4% од нив сметаат дека надзорот е делумно имплементиран.

Исто така, на тест беше ставена и самокритичноста на студентите преку ислушување на нивниот впечаток околу почитување на препораките. Според анкетата, од вкупно 67 испитаници, 70% одговориле дека правилата делумно се почитуваат од страна на студентите, а само една четвртина од студентите сметаат дека правилата се потполно испочитувани. Како дополнување на ова прашање, анкетата покажува дека значителен број на студенти (25%) биле сведоци на недозволено групирање во собите на нивните колеги, што воедно е сигнал за потребата од зголемен надзор и евиденција од страна на надлежните вработени и повисоко ниво на свест од страна на самите студенти.

Убедливо најчести беа поплаките во врска со слабото парно греење, нестабилната интернет конекција и неработењето на пералните. Слабото парно греење се чини дека е повторлив проблем со кој што се соочуваат сите студенти од сите студентски домови скоро секоја година. Иако грејната сезона започна пред скоро еден месец, студентите во овој дом се уште искусуваат недостаток на парно греење, а во меѓувреме зимските температури земаат се поголем замав, оставајќи ги студентитево студени соби, барајќи алтернативен начин на греење.

Чести беа и критиките насочени кон нестабилната интернет конекција. Во време кога наставата на факултетите се одвива онлајн, од исклучителна важност е студентите да имаат пристап до интернет кој што треба да им биде обезбеден од самата установа, наместо да посегнуваат по непотребни трошоци за да си обезбедат индивидуални интернет услуги.

Но, можеби најизненадувачки проблем оваа година претставуваа пералните.  

„Најсериозен проблем е тоа што не функционираат пералните во домот, а тоа е многу потребно на секој од студентите. Бараме тоа да се смени, односно да функционираат како претходната година, бидејќи во една перална се перат работите на само еден студент и во една сушара се сушат работите на тој студент“, вели еден од испитаниците.

„Пералните треба да работат бидејќи, на пример, што би правеле доколку сме во моментот во студентски, а дома имаме позитивен на корона, а притоа не сме имале контакт?!“, додава друг студент, нагласувајќи дека речиси секој од нив се справува со овој проблем враќајќи се во сопствениот дом.

Како причина за нефункционалноста на пералните оваа година надлежните го наведуваат ризикот за пренесување на вирусот. Причина која што за многу од студентите е бесмислена бидејќи според нив не постои разлика зошто да работат мензите , а не и пералните. И на двете места сосема е возможно да се воспостави физичка дистанца и ред.

Кога пристигнав во студентскиот дом бев разочаран од управата на Гоце Делчев. Првото мое прашање беше каде можам да си ги перам своите алишта, одговорот беше: Не можеш да си ги переш алиштата повеќе од два пати месечно со тоа што после шестиот килограм, секој трет килограм си го плаќаш по 50 денари, а и не знаеме и дали воопшто ќе отворат поради настанатиот вирус. Кога ги прашав како може да ги отворат мензите, а не и пералните, нивниот одговор беше: Политиката на МОН е таква, ние ништо не можеме да смениме“, укажува на овој проблем еден од засегнатите студенти.

Студентите сепак се надеваат дека овој проблем ќе биде набрзо решен бидејќи во време на пандемија патувањето стотици километри до нивните домови само за да ја исперат својата  облека е дополнителен трошок и на тој начин се загрозува нивната безбедност. Патување кое е сосема непотребно во ситуација кога пералните се исправни и пред нивната врата, но сепак неоправдано собираат прашина.

 

Мартин Тошевски