Без коски – Првиот класичен подкаст за кошарка

Овој понеделник, светот на подкастите и кошарката ќе можат да бидат сведоци на првата епизода од најсвежиот новитет на македонските онлајн простори, подкаст посветен исклучиво на кошарката. Студентскиот медиум „Авангарда“ има огромна чест да го претстави почетокот на емитување на првиот класичен подкаст за кошарка на македонски јазик – „Без коски“, во организација на нашиот добро познат Ѓорги Георгиев, воедно и  еден од водителите на подкастот „Јустинијан Збори“. Токму во еден краток разговор со Ѓорги, дознавме повеќе за неговата визија и за она што ги очекува сите љубители на кошарката.

Отсуството на подкасти за спорт на македонски јазик и љубовта кон кошарката претставуваат еден од главните двигатели на овој проект чијашто цел за Ѓорги е многу едноставна, а тоа е „создавање на место каде што ќе зборуваме за кошарката на македонски јазик“. Со оглед на тоа што најголем дел од информациите за кошарката се пренесувани на англиски јазик и на странски телевизиски канали, не секој има еднаква шанса  за навремено и точно информирање за вестите од спортот.

Во таа насока, „Без коски“ е замислен како место за споделување на мислења, коментари и анализи на актуелните случувања од светот на кошарката. Коментари и анализи кои ќе можат да бидат споделени од секој заинтересиран ентузијаст за кошарка, но и од актуелни или поранешни кошаркари и познавачи на кошарката како потенцијални гости на подкастот. Главната тема на фокус е резервирана за НБА лигата, но како што Ѓорги вели „нема да бидат занемарени и останатите лиги, како што се Евролигата, АБА лигата и нашата македонска лига“.

Иако како општество, според Ѓорги, назадуваме кога станува збор за слушање на подкасти за спорт, сепак она што охрабрува е зголемувањето на бројот на истите во последните неколку месеци.

„Оттука сметам дека доколку успееме да направиме добра содржина на подкастот, без разлика дали некој е или не е фан на подкасти, интересот за спортот ќе ги донесе луѓето да не слушаат нас, како и другите спортски подкасти “, додава Ѓорги за „Авангарда“.

Сите заинтересирани за слушање на „Без коски“ ќе можат најлесно да го најдат на веб страната на „Авангарда“, додека пак за оние што преферираат користење на аудио стриминг сервиси, тимот на „ Без коски“ ќе биде присутен и на Spotify, Google Podcasts, Castbox (и евентуално на Apple Podcasts), како и на нивниот YouTube канал.

 

Мартин Тошевски