5 филмски предлози за овој месец

Надоаѓањето на зимата и се поочигледниот втор бран  на Ковид-19 пандемијата, во наредниот период дополнително ќе не принудат да поминуваме се повеќе време во нашиот дом. Секој од нас ќе се обиде да го исполни тоа време правејќи ги сите оние нешта во кои уживаме и за кои се интересираме. Една од тие активности е секако и гледањето на филмови, па затоа тимот на Авангарда се потруди да издвои листа од топ 5 филмови кои освен што се совршен извор на забава, даваат и одличен осврт кон теми вредни за размислување.

 

  1. Arrival (2016)

„Arrival“ претставува научно-фантастична приказна која гравитира околу животот на една еминентна професорка по лингвистика по име Луис Банкс. Откако планетата ќе биде посетена од страна на мистериозни вонземјани, Луис е повикана од страна на сигурносните служби на САД со цел да воспостави начин на комуникација со суштества кои комуницираат на сосем различен начин од нашиот. Она што е навистина фасцинантно за овој филм е потенцирањето на значењето на комуникацијата во нашите животи и фаталните последици кои може да произлезат од недоразбирањето при истата.

Наша оцена: 8/10

 

YouTube video

 

 

  1. Idiocracy (2006)

Доколку се родите денес, шансите да бидете во топ 1% од најпаметните луѓе на светот се прилично мали. Истото важеше и за Џо Бауерс, библиотекар во Армијата на САД, се додека како резултат на неуспешен воен експеримент Џо се буди од длабока кома дури 500 години подоцна и се пронаоѓа во свет во кој човековата интелигенција е толку ниска што го прави Џо најпаметниот човек на планетата. Планета во која поради човечкото незнаење и небрежност, човештвото е доведено до раб на егзистенција. Од некогаш потполно просечен човек со скоро никакви обврски, Џо овој пат ја превзема обврската да ја врати функционалноста на човештвото.

Наша оцена: 6/10

 

YouTube video

 

  1. They live (1988)

Доколку сте љубители на култоролошки и социјални критички осврти, тогаш не смеете да го пропуштите овој ретро Холивудски класик. Приказната се движи преку животните случувања на главниот протагонист по име Нада кој што случајно во една напуштена црква открива кутија полна со очила. Заинтригиран од нивното место во црквата, Нада ги става очилата и ја открива нивната скриена моќ која му овозможува да ги увиди сите скриени пораки кои стојат во позадината на нашето високо конзумеристичко опшстество и станува свесен за сите начини преку кои нашата согласност кон општествените норми не се должи на слободна одлука туку на лажен, наметнат избор и влијание. Инспириран од ова откритие, Нада се обидува да ја пренесе веста до сите кои што сеуште се робови на скриената идеологија.

Наша оцена: 7/10

 

YouTube video

 

  1. Reversing Roe (2018)

Во листата не можевме, а да не вметневме и еден документарен, едукативен филм. Станува збор за документарец во кој е прикажан историјатот на правната регулатива на абортусот во САД, ставајќи акцент на познатата Roe v. Wade судска одлука донесена од страна на Врховниот суд на САД.

Сценариото вклучува серија од интервјуа со познати политичари, ескперти и активисти на двата фронта на проблемот.

Наша оцена: 10/10

 

YouTube video

 

  1. Borat Subsequent Moviefilm (2020)

По цели 14 години пауза, филмското платно е подготвено да го пречека враќањето на фиктивниот карактер Борат на американско тло откако е ослободен од затворот во Казахстан поради посрамување на нацијата. Borat Subsequent Moviefilm“  уште нарекуван Борат 2, пр

етставува продолжеток на „ Borat: Cultural Learnings of America for Make Benefit Glorious Nation of Kazakhstan“ и истовремено претставува совршен спој на комедија и сатира со социјален коментар кој што вклучува актуелности како што се: коронавирусот, теориите на заговор, скандалите поврзани со Доналд Трамп и многу други.

Наша оцена: 9/10

 

YouTube video

 

 

Мартин Тошевски